Иницијативата „Сите за Палестина“ упати протестна нота до Министерство за надворешни работи: „Престанете да поддржувате геноциди во наше име“

Граѓанската иницијатива „Сите за Палестина“ денес упати протестна нота до Министерство за надворешни работи и надворешна трговија по повод гласањето во Советот за човекови права на Обединетите Нации.

„Ви се обраќаме во однос на Вашето официјално гласање на 58-та редовна седница на Советот за човекови права на Обединетите нации, одржана на 4 април 2025 година, каде што нашата држава гласаше против двете резолуции за Палестина, кои беа усвоени од мнозинството членки“, пишува во упатеното протестно писмо.

Резолуцијата A/HRC/58/L.31, против која гласаше Македонија заедно со само уште една друга држава – Чешка, ги осудува израелските колонијални практики на окупираните палестински територии и го поддржува неотуѓивото право на самоопределување на палестинскиот народ. Оваа резолуција беше усвоена со 43 гласа „за“, додека две земји се воздржаа.

„Сакаме да Ве потсетиме дека Македонија досега никогаш не гласала против правото на самоопределување на палестинскиот народ. Исто така, сакаме да Ве потсетиме дека борбата за право на самоопределување е длабоко вкоренета во историјата на македонскиот народ и самото тоа треба да ни биде сеприсутен потсетник за солидарност и емпатија кон сите народи кои ја делат истата битка“, велат од „Сите за Палестина“.

Генералното собрание на ООН ја донесе оваа одлука врз основа на „претходните залагања за човековите права, правата на малцински и ранливи групи и целокупниот корпус на мултиетничка демократија која ја развива државата“.

„Впрочем, залагањата за човековите права, правата на малцински и ранливи групи и целокупниот корпус на мултиетничка демократија се водечки начела за нашиот народ и се длабоко вкоренети во нашето минато. Се прашуваме: со кој морален и правен авторитет Вие гласате во поддршка на геноцидот врз палестинскиот народ? Зошто Владата на Република Северна Македонија зазема став кој директно поддржува геноциден ентитет како Израел? Дали оваа стратешка одлука која оваа влада своеволно ја донесува се заснова на профитерски аспирации преку соработка со империјалистички насилници да се богатите на нашите грбови и животи?“, прашуваат од иницијативата.

Според нив, оваа одлука е длабоко срамна и не е во согласност со волјата, свеста и вредностите на народот кој живее на оваа територија.

„Нашиот народ секогаш стоел, и ќе продолжи да стои на страната на правдата, солидарноста, човековите права и борбата против окупација и апартхејд“, истакнуваат тие.

Од „Сите за Палестина“ бараат итно појаснување за основите врз кои е донесена оваа, според нив, срамна и загрижувачка, надворешнополитичка одлука.

„Со какви аргументи ја оправдувате Вашата одлука да гласате против правото на самоопределување на еден народ?“, прашуваат оттаму.

Исто така, од иницијативата бараат сите понатамошни гласања и односи на меѓународно ниво да бидат во согласност со основните начела на меѓународното право и почитувањето на човековите права, за кои нашата држава се има обврзано со бројни декларации, меѓу кои Универзалната декларација за човекови права, Женевските конвенции и Декларација за правата на децата.

„Бараме да престанете да поддржувате геноциди во наше име. Бараме гласањата на седниците на ООН да ги отсликуваат реалните вредности на нашиот народ. Бараме солидарност за Палестина и палестинскиот народ!“, поентираат тие во протестната нота.