Власта во Србија и нејзините медиумски мегафони, соочени со низа афери, од кои онаа со падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад имаше најтрагични последици и беше тригер за неколкумесечните протести кои сè уште траат, изминатиов период спинуваа за наводно „македонско сценарио“ на обоена револуција која треба насилно и без избори да ја симне од власт актуелната политичка гарнитура со Александар Вучиќ на чело, пишува Вистиномер.
„Вистиномер“ на почетокот на декември минатата година ја анализираше манипулативната замена на тези на српскиот лидер со која се експлоатира темата за наводното „македонското сценарио“, а всушност се работи за протежирање на геополитичката стратегија на тн. „српски свет“ во регионот. Тоа е политичка идеја од средината на 19. век, со која Србија се стреми кон сесрпското обединување кое би ги вшмукало и другите нации од Западен Балкан.
Српската власт го гради наративот кој е многу сличен на руската пропаганда: разни меѓународни фактори сакаат да ја сменат „суверенистичката“ власт за да ја распарчат и ограбат земјата…
Опозицијата во Србија се обидува да го повтори македонското сценарио, настаните во Нови Сад се копија на македонскиот модел. Македонците ги бојадисаа плоштадите поради некоја своја причина, овој народ денес за своја. Беа копирани и моделите од Белорусија и Хонг Конг. Тоа е учебнички пример за обоена револуција. Опозицијата не излезе со тоа, туку беа обучени и прецизно инструирани од оние што правеа обоени револуции низ целиот свет, тврди Александар Вулин, „ударната тупаница“ на Вучиќ и негов доверлив функционер, сметан и за своевиден „офицер за врска“ со Путинова Русија.
Како што протестите низ српските градови не стивнуваа, така и власта го ширеше спектарот на делување за да ги задуши протестите, накалемувајќи му регионален контекст, кој е секогаш добредојден кога сакате да „откривате“ непријатели од соседството. Затоа првично пласираното „македонско сценарио“ од страна на власта во Србија беше надградено со ширењето дезинформации дека инспираторите на протестите се од Хрватска, Босна и Херцеговина, но и од Црна Гора и Косово.
Има ли „српско сценарио“ во Северна Македонија?
Од друга страна, пак, трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март годинава, која досега резултираше со 61 починато лице и околу 200 повредени, предизвика оправдан револт меѓу блиските на настраданите и граѓаните воопшто, кои започнаа со серија протести.
Меѓутоа, веќе по првиот одржан мирен протест на скопскиот плоштад, со кој им се оддаде почит на загинатите во трагедијата во Кочани, на социјалните мрежи, но и во некои медиуми, започна канонада од етикетирањата дека наводно се прават обиди за спроведување на „српско сценарио“ во Северна Македонија, по урнекот на споменатите студентски протести во Србија против власта на Вучиќ.
Од каде сега прелевање на „српско сценарио“ кај нас, кога студентските протести во Србија беа озлогласени како „македонско сценарио“? Можеме ли да препознаеме класична „Фројдовска грешка“ во провладините медиуми и профили на социјалните мрежи кои во протестите иницирани од револтот заради трагедијата во Кочани бараат „српско сценарио“, а истовремено студентските протести во Србија, меѓу другото, се обвинувани дека се реализираат според „македонско сценарио“?
Барањето на дел од демонстрантите кои гравитираат кон Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ – поточно, студентите од „Црвена младина“ на партијата Левица – да биде објавена целата документација поврзана со работењето на клубот ,,Пулс” од неговото отворање до несреќата од Државен пазарен инспекторат, Министерство за eкономија, Државен градежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државен инспекторат за урбанизам, Локална самоуправа во Кочани, Локален градежен инспекторат и Дирекција за заштита и спасување и Управа за јави приходи, веднаш беше оквалификувана како „српско сценарио“.
Ова не би било ништо невообичаено ако не се знае дека и ова барање е по српско сценарио. Исто барање имаа и нивните „колеги“ од Србија по трагедијата во Нови Сад. Српските опозиционери во ликот на студентите бараа да се објави документација за падот на настрешницата. Иако претседателот Вучиќ го објави поголемиот дел, освен тој што е поврзан со истрагата, студентите излегуваа со нови и нови барања, со изговор дека тоа не е доволно. Се разбира дека целта не им беше никаква настрешница туку политички притисок. Истото сценарио се спроведува и кај нас, се разбира по српски ноти. Со објавувањето на документите за пожарот во Кочани ќе се компромитира целата истрага и се разбира дека ова барање нема никој да им го исполни. И она најважното, објавување на документи во фаза на истрага е кривично дело. Приведените и осомничените, со душа чекаат да излезат вакви документи во јавност, пишуваше порталот „Република“ на 25.03.2025.
Ваквите (дис)квалификации на протестите по трагедијата во кочанската дискотека дека се инспирирани и се реализираат според наводно „српско сценарио“ секако дека лесно паѓаат во вода.
Што бараат припадниците на Граѓанската иницијатива „Кој е следен“?
Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ – која по првичниот протест за оддавање почит на жртвите од кочанската дискотека ги прошири барањата повторно да бидат разгледани случаите со голем број жртви од несреќите како тетовската модуларна болница, случајот Онкологија, автобуската несреќата на „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“, подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти…
Корупцијата во институциите доведе до перманентна неказнивост, при што одговорноста за криминални дела често се избегнува. Оваа состојба не е само резултат на корумпираните елити, туку и на институционалниот систем кој не функционира во служба на граѓаните, нагласуваат од Иницијативата „Кој е следен?“.
Граѓанската иницијатива на 09.04. 2025 поднесе барање до Владата за спроведување на електронски систем за внесување на записници од инспекциските надзори врз локалите каде секој ќе има пристап.
Целта на е-инспекторатот е сите ние да знаеме во местата што ги посетуваме, дали сме безбедни или не сме безбедни, за во иднина да спречиме поголема трагедија. Во однос на другите барања, поднесуваме барања до Министерството за правда и до Собрание за реформи во правосудниот систем. Таму ќе го издвојам, на пример, нашето барање за промена на начинот за полагање на правосудниот испит. За сите кои не знаат, Министерството за правда формира комисија за полагање на правосудниот испит. Ние бараме тоа да се смени, бидејќи сметаме дека имаме конфликт на интереси, појасни претставникот од иницијативата, Умер Мухамеди.
На протестниот марш низ улиците на Скопје на 10.04.2025 неколку стотини граѓани ги отфрлија обвинувањата дека се „платеници“, туку дека се „економисти, правници, ИТ инженери, психолози, доктори, учители, урбанисти, архитекти“… нагласувајќи дека „не сме тука за да срушиме држава, тука сме за да си ја вратиме“.
Како што изјави претставничката на граѓанската иницијатива Анастасија Митревска, денешниот протест (10 април н.з.) е за сите барања на иницијативата изнесени во јавноста, а дел од нив и поднесени до Владата, но како што рече, властите повеќе посветуваат внимание за тоа кој ги организира протестите, отколку да се фокусираат на барањата, извести порталот „360 степени“.
Протест се одржа и во Кочани (12.04.2025), каде што со едноминутен молк пред Полициската станица граѓаните го искажаа незадоволството од ненавременото постапување за да се спречи немилиот настан, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка. „Бараме отчетност за сработеното“, беше единствената гласна порака што ја извикуваа пред Обвинителството.
На седницата на Советот на Општина Кочани (14.04.2025), пак, на која независниот кандидат Венко Крстевски е избран за в.д. градоначалник на Кочани, советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, Кристина Атанасова Арсова, чие дете е повредено во пожарот во дискотеката „Пулс“, низ солзи си поднесе оставка од функцијата.
Страшно недостојно и понижувачки е ова. Им се извинувам на сите граѓани кои дадоа глас за мене како дел од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, не успеав да реализирам многу работи бидејќи не беа приоритет за градоначалникот и раководството на Општинскиот комитет. Залетани од новите функции, се грижеа само за своите интереси. Сите идеали на овој свет не се вредни колку што е солзата на едно дете!, рече таа.
Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски делумно потврди дека дел од лицата што протестирале за трагедијата во Кочани добиле кривични пријави и нагласи дека ќе бидат поднесени кривични пријави за сите за кои постојат основи на сомнение дека е сторено одредено кривично дело.
Во конкретниот случај не би можел да специфицирам, но генерално, секаде каде што постојат докази дека е сторено одредено кривично дело од страна на кој било, без оглед дали седи на одредено столче во рамки на одредена институција или без оглед дали се однесува незаконито на улица, МВР ќе постапи. Заради тоа што еднаш засекогаш во оваа држава мора сите да се сложиме дали ќе ги почитуваме правилата на игра или нема да ги почитуваме. Ако сакаме да имаме држава мора да ги почитуваме правилата на игра, рече Тошковски на заедничката прес конференција со Јавниот обвинител Љупчо Коцевски.