Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фондацијата Телеком за Македонија објавија отворен повик преку кој се покануваат деца и млади на возраст од 14 до 17 години да се придружат на двегодишната програма против онлајн врсничкото насилство и говорот на омраза.
„Под слоганот ‘Блокни го хејтот’, програмата претставува продолжение на долгогодишното партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија преку кое во текот на сите овие години се обезбедува помош на децата и на младите за да се справат со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација“, велат оттаму.
Иницијативата ќе опфати 50 деца и млади од целата земја. Како што истакнуваат од УНИЦЕФ, тие ќе имаат можност да станат дел од трансформативна програма којашто ќе им овозможи да се здобијат со вештини и да ја градат својата отпорност, ќе им даде простор креативно да се изразат и насоки како да инспирираат други. Преку програмата и со поддршка од ментори и психолози, учесниците ќе осмислат иновативна кампања против онлајн врсничкото насилство.
„Оваа двегодишна програма ќе се спроведува во партнерство со Сојузот на извидници на Македонија и ќе опфати повеќе обуки, работилници и состаноци од кои дел ќе се одржат во Извидничкиот центар во Охрид“, појаснуваат тие.
Можат да се пријават сите млади од 14 до 17 години, кои ќе се посветат на програмата докрај и ќе учествуваат во активностите кои ќе следат.
Заинтересираните учесници треба да ја пополнат апликацијата на следниот линк. Рокот за пријавување е 27 април.
„Целта на партнерството е да се создаде движење за интернет без онлајн врсничко насилство и говор на омраза преку едукација, ко-креација и конкретни акции што ќе ги спроведуваат деца и млади како застапници коишто ќе инспирираат и други да се приклучат и да го прошират движењето низ целата земја“, додаваат од УНИЦЕФ.