Научниците го пронајдоа „најсилниот доказ“ за постоење на знаци на живот на далечна планета

Во потенцијално значајното откритие, научниците со помош на вселенскиот телескоп Џејмс Веб ги пронајдоа, како што ги нарекуваат, најсилните знаци досега за можен живот надвор од нашиот Сончев систем, откривајќи во атмосферата на страна планета хемиски отпечатоци од гасови кои на Земјата се произведуваат само со биолошки процеси, пренесува Ал Џазира Балканс.

Двата гаса – диметил сулфид, или DMS, и диметил дисулфид, или DMDS – кои  се дел од набљудувањето на планетата од Веб, наречено K2-18 b, се произведени на Земјата од живи организми, првенствено микробиолошки форми на живот, како што се морските фитопланктон – алги.

Ова сугерира дека планетата може да е преполна со микробиолошки живот, објавија истражувачите. Тие, сепак, нагласија дека не најавуваат откривање на вистински живи организми, туку на можен биопотпис, односно показател за биолошки процес и дека на откритијата треба да се гледа со претпазливост, со потребни дополнителни студии.

Сепак, тие изразија возбуда поради откритието. Ова се првите индикации за вонземски свет кој најверојатно е населен, вели астрофизичарот Нику Мадусудан од Институтот за астрономија на Универзитетот во Кембриџ, главен автор на студијата објавена во списанието „Astrophysical Journal Letters“.

„Ова е трансформативен момент во потрагата по живот надвор од Сончевиот систем, каде што покажавме дека е можно да се детектираат биопотписи на потенцијално населиви планети со сегашната опрема. Влеговме во ерата на набљудувачката астробиологија“, рече Мадусудан.

Мадусудан нагласи дека во моментов се прават различни напори за пребарување на знаци на живот во нашиот Сончев систем, вклучително и различни тврдења за средини кои би можеле да бидат погодни за живот на места како Марс, Венера и разни ледени месечини.

Планетата K2-18 b е 8,6 пати помасивна од Земјата и има дијаметар речиси 2,6 пати поголем од нашата планета.

Орбитира во „населената зона“ – растојанието на кое течната вода, клучна состојка на животот, може да постои на планетарната површина – околу црвено џуџеста ѕвезда помала и помалку светла од нашето Сонце, која се наоѓа на околу 124 светлосни години од Земјата во соѕвездието Лав. Светлосна година е растојанието што светлината го поминува за една година, 9.500 милијарди километри. Според Ројтерс, идентификувана е уште една планета која орбитира околу оваа ѕвезда.

Приближно 5.800 планети надвор од нашиот Сончев систем, наречени егзопланети, се откриени од 1990-тите.