Граѓанските организации сметаат дека ДКСК предлага услови за повеќе корупција

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата остро реагира на препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во рамки на антикорупциската проверка на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Наместо да придонесе за поголема транспарентност, отчетност и борба против корупцијата, сметаат од Платформата, ДКСК испраќа сериозно загрижувачки сигнали за затворање на институциите и креира можности за ограничување на правото на јавноста да знае.

„Ваквите препораки не само што ја поткопуваат улогата на ДКСК како клучна институција за спречување на корупцијата, туку и директно отвораат простор за нови коруптивни злоупотреби, особено во сферата на јавните набавки“, истакнуваат отаму.

На препораката на ДКСК да се преиспита членот што ја регулира обврската за објавување на целокупната документација за јавните набавки, Платформата укажува дека токму оваа одредба досега овозможувала зголемена транспарентност и пристап до релевантни документи од страна на граѓанските организации и медиуми.

„На овој начин беа обелоденети сторени злоупотреби во голем број на тендерски постапки за кои се водат судски постапки, но и се спречени можни коруптивни и штетни јавни набавки“, велат граѓанските организации.

Тие потсетуваат и дека веќе беше направено уназадување на заштитата од корупција во јавните набавки со измените на Законот за јавните набавки на тој начин што беше укината управната контрола на јавните набавки што ја спроведуваше Бирото за јавни набавки.

Во врска со препораката на ДКСК за пропишување процедура за разрешување на директорот на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, од Платформата сметаат дека е политички мотивирана затоа што е дадена непосредно по обид на пратеници во Собранието да се усвојат измени на Законот за слободен пристап во кои беше предвидено предвремено разрешување на Директорот на Агенцијата во случај кога парламентарното мнозинство нема да го усвои годишниот извештај за работа.

„И укажуваме на ДКСК дека независните регулаторни тела, како што е Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап, па и самата ДКСК имаат мандат подолг од мандатот на избраните функционери во извршната власт, со цел да бидат партиски и политички независни“, потенцираат оттаму.

Дополнително, Платформата изразува загриженост и околу препораките на ДКСК кои, како што велат, го поткопуваат концептот на „активна транспарентност“ предвиден во законот.

„Какви критериуми препорачува ДКСК е нејасно, а уште повеќе загрижува што зборуваат за формат не земајќи го предвид најавениот почеток на процесот за подготовка на Законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор“, наведуваат оттаму.

Организациите исто така укажуваат и на задоцнетата реакција на ДКСК во однос на прекршочната одговорност бидејќи процесот на измена на законот е веќе започнат во ноември 2024 и моментално е во фаза на јавни консултации преку ЕНЕР.

„Платформата смета дека предлог решенија кои може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, се неприфатливи и спротивни на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики“, пишува во соопштението.

Дополнително, Платформата е загрижена и што при проверката на Законот за слободен пристап од страна на ДКСК отсуствуваат клучните аспекти на антикорупциската проверка, како што е вклучувањето на повеќе актери, односно при подготовка на Извештајот немаат обезбедено соработка со граѓанското општество што би обезбедило независност и објективност при анализата.

Оттаму сметаат дека со вакви насоки, ДКСК не само што не го унапредува системот за спречување на корупција, туку ризикува да даде легитимитет за политики и практики што водат кон заробување на институциите и недостапност на информациите од јавен интерес, кои во моментов се информации од јавен карактер.

„Ги повикуваме надлежните институции, особено Министерството за правда и Собранието, да ги земат предвид постојните законски механизми и да не подлегнуваат на насоки што ја ограничуваат транспарентноста, која е клучна алатка во борбата против корупцијата“, поентираат од Платформата.