Студентската блокада на Радио телевизија Србија (РТС) во Белград влезе во четвртиот ден, а РТС ниту утринава не ја емитува својата утринска програма, пренесува Ал Џазира Балканс.
Од 14 април во 22 часот блокирани се зградите на јавните служби на улицата Таковска и Коштуњак во главниот град на Србија. Блокадата ќе трае, според најавата на студентите, се додека не се распише нов конкурс за членови на Советот на Регулаторната управа за електронски медиуми (РЕМ), или додека не се исклучи РТС.
View this post on Instagram
Поради Велики петок, студентите изјавија дека денеска нема да има музичка програма, ниту врева пред РТС.
РТС го прилагодува програмскиот распоред за време на блокадата, а редакцијата на тој медиум во неколку наврати апелираше да се прекине блокадата. Утринава повторно немаше Утринска програма на првиот канал на РТС, туку во тој временски дел се емитуваше играна и документарна програма.
Студентски протести во многу градови во Србија се организираат од 1 ноември минатата година кога 16 лица загинаа при уривање на настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
Студентите бараат правда за жртвите, поконкретно гонење на одговорните, како и владеење на правото во целата земја.
Европската комисија вчера го поздрави формирањето на новата српска влада, нагласувајќи дека очекува таа да ги интензивира напорите за усогласување со надворешната и безбедносната политика на Брисел, како „прашање од највисок приоритет“.
Тие истакнаа дека од властите во Белград „го очекуваат истото како и студентите“ кои протестираат со месеци.