Едно лице загина, а повеќе од 50 се ранети во рускиот напад на Харков

Во рускиот ракетен напад врз североисточниот украински град Харков утрово (18 април) загинало едно лице, а повеќе од 50 лица се ранети, соопштија службите за итни случаи, пренесува Ал Џазира Балканс.

Пет деца се меѓу повредените во нападот, во кој се оштетени и станбени згради, образовна институција и цивилно претпријатие, додаваат тие во објава на Телеграм.

Ихор Терехов, градоначалник на вториот по големина град во Украина, изјави дека врз основа на првичните информации во нападот биле оштетени 15 станбени згради.

На фотографиите на Ројтерс од местото на настанот, итната помош им пружа прва помош на луѓето со раскрвавени рани во близина на една од станбените згради.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави во четвртокот дека Русија го намалила бројот на напади врз украинските енергетски објекти, но наместо тоа ја напаѓа цивилната инфраструктура.

Русија и Украина минатиот месец, со посредство на САД, се согласија за мораториум на нападите врз енергетската инфраструктура, а двете страни оттогаш меѓусебно се обвинуваат дека го прекршуваат.

Зеленски на прес-конференција во Киев рече дека Русија лансира ист број проектили и беспилотни летала во Украина како и пред договорот.

Во напад со беспилотно летало во североисточниот град Шуми, исто така, загина едно лице, а рани уште едно во фабриката која овие денови пече велигденски колачи.

Прекинот на огнот во Украина се уште не е реален, изјави постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небензија, по затворените консултации на Советот за безбедност на ОН.

„Имавме обид за ограничен прекин на огнот кога станува збор за енергетската инфраструктура, што украинската страна не го почитуваше. Во овие околности, да се зборува за прекин на огнот во оваа фаза не е реално“, рече Небензија.

Тој додаде дека „западните земји не изразиле подготвеност да извршат притисок врз Киев да го почитува договорот да не се напаѓа енергетската инфраструктура“.

Коментирајќи ја потребата од официјализирање на можните договори меѓу Русија и Украина во Советот за безбедност на ОН, тој истакна дека сè ќе зависи од условите за веројатниот прекин на огнот и од формулацијата на евентуалниот документ.

Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за прекршување на 30-дневниот ограничен договор за прекин на огнот со посредство на САД, што требаше да биде првиот чекор кон постигнување целосен прекин на огнот и конечно мировно решение, ставајќи крај на повеќе од тригодишната војна.