Потребна е итна медицинска евакуација за речиси 11.000 тешко болни и ранети Палестинци, според Министерството за здравство на Газа. Поради израелските напади, здравствениот систем е пред колапс, пренесува Ал Џазира Балканс.
Утрово, 18 април, десетчлено семејство загина во израелски напад врз куќа во Кан Јунис, откако медицински извори соопштија дека најмалку 32 лица загинале во израелските напади низ Газа во текот на вчерашниот ден.
Дописниците на Ал Џазира во Газа известуваат дека уште едно семејство било „избришано“ во претходниот израелски напад врз засолништата во шатори во јужниот дел на Кан Јунис, во услови на тековни и „намерни“ напади врз цивилна и хуманитарна инфраструктура.
Група од 12 хуманитарни агенции велат дека Газа е „еден од најлошите хуманитарни неуспеси на нашата генерација“.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека потврдило дека најмалку 51.065 Палестинци биле убиени, а 116.505 биле ранети во израелската војна против Газа од почетокот на офанзивата пред 18 месеци.
Канцеларијата за медиуми на владата на Газа го ажурираше бројот на загинати на повеќе од 61.700, велејќи дека илјадници луѓе исчезнати под урнатините се сметаат за мртви. Најмалку 1.139 луѓе беа убиени во Израел за време на нападот предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година, а повеќе од 200 беа заробени.