Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје на 26 април (сабота) од 21 часот ќе се одржи концерт на составот „Паркети“.
„Авангарден концерт на ‘Паркети’ и голем број на гости кои оставаат печат на рокенрол културата во Македонија“, се вели во најавата за настанот.
Досега како специјални гости се најавени Димиш, Д’Далтонс, Зоки Агресор, Горан Ѕверо (Катран), Александар Ристовски Принц, Сеад Хаџиќ Сецко, Ирена и Дани Коуд369, Сашо Поповски, Донплеја со Принцес Донатсу, Марија, Славе и Пеце Паркет.
Инаку, „Паркети“ се рок-панк-гараж бенд од Битола кој датира од 1991 година, кога во првиот состав беа Сашо Паркет, Славе Паркет и Себастијан Паркет. Во време кога беа „исцедени“ и преслушани повеќето панкери – од „Секс Пистолс“ преку „Рамоунс“, па и „Шарло акробата“ и „Пекиншка патка“ на просторите на Југославија – во Битола постоеја само неколку „андерграунд“ бендови кои правеле своја музика и само едно подрумско диско каде не се слушало турбо фолк. Плус, со падот на Југославија се отворија нови приватни радија и телевизии, што отворило место за се’ и секој. На Радио Битола и на некои локални телевизии започнаа да се прават топ листи на „демо“ бендови, а „Паркети“ имаа претпознатлив и специфичен звук. Самиот состав знаеше да каже дека нивните текстови се „апстрактни“, иако обработуваат најразлични теми – љубовни, социјални, културолошки, имаат и обработки…
Првиот албум го снимија во 1996 година и е именуван „Грижа на совеста“, а вториот – „Газирана хармонија“ бил снимен во 1998 и на него бендот има различен состав, односно на местото на Сашо Паркет – вокалист е неговиот брат. Сашо се враќа во бендот на почетокот на новиот милениум. Во дискографијата на „Паркети“ се и албуми како „Но тинкејШн (1992-2002)“, „Тајната на името“, „Мамо немукажвај на тато“, „Република Франкенштајн“, „Parketi“, „Treinta Putos Años“.
Концертите на „Паркети“ се главно оригинални, полни со енергија и хумор.