Сцената е сè почеста – ученик седи во клупата, главата наведната, погледот фиксиран во екранот, прстот нервозно скрола. Наставникот зборува, но зборовите не допираат. Вниманието одамна се префрлило на „ТикТок“, на новата „Снепчет“ нотификација или на мемето кое кружи по групниот чат. Оваа слика, толку секојдневна, што веќе не предизвикува изненадување, е обработена десетици пати во обид да се проговори за она што го избегнуваме – како денеска изгледа растењето низ екран, пишува агенцијата Мета.мк.
Докажан факт е дека прекумереното користење телефони е поврзано со намален образовен успех и негативно влијае на менталното здравје. Според лекарите, на долг рок, прекумерната употреба на телефон создава проблеми во развојот на личноста, доведува до анксиозност, депресија, панични напади.
Опседнати со телефоните
Во македонските училници, приказната не е многу поинаква. Професорот по физичко и здравствено образование во средното стручно училиште „Михајло Пупин“, Илија Ристовски вели дека младите се опседнати со телефоните.
„Иако има што да прави ученикот на час, тој за време на наставата наоѓа начин да го провери или користи телефонот“, вели Ристовски.
За да не ги користат телефоните во сала, тој пред почеток на часот вели оти им ги собира и ги праќа во педагошка служба, па по завршување на часот одат да си ги земат.
„Денеска децата се помалку се запознаени со спортот, бидејќи, нели поинтерсни им се содржините на „ТикТок“. Ако треба било што да видат онлајн, на пример, некоја вежба или слично, тоа не го правиме за време на час“, посочува Ристовски.
Неговиот колега од „Зеф Љуш Марку“, Бесим Лимани, кој предава албански јазик, смета дека треба да се најде рамнотежа бидејќи злоупотребата на телефонот на час зависи од тоа како ќе се постави професорот.
„Правилата за време на наставата ги одредува професорот“, посочува Лимани, додавајќи оти има примери кога самиот ги насочил учениците да користат телефон, на пример, да побараат и анализираат некоја песна од старата литература.
Сепак, потврдува дека на децата тешко им е да се фокусираат на часот.
„Кога користат телефон, лесно се оддалечуваат од материјата која се предава. И одличните ученици се дефокусирани. И најдобрите ученици кои учат и имаат петки, прашуваат што треба да научат“, вели професорот.
Тој додава оти денешните ученици не се мачат да истажуваат од книги „само на телефон истражуваат, не се мачат да бидат креативни“.
Ваквата загуба на фокусот и мотивацијате се провлекува и како црвена нишка низ повеќе истражувања и е добро документирана. Според едно вакво истражување објавено на американскиот National Institute of Health (NIH) врската на учениците со паметните телефони се претвора во опсесија која може негативно да влијае врз когнитивните функции и емоционалната стабилност.
Истражувачите Алтман, Трафтон и Хамбрек докажуваат дека и само трисекундно одвлекување на вниманието – како на пример посегнување по телефонот – е доволно за значително нарушување на концентрацијата додека се извршува ментална задача. Таквиот прекин не само што влијае на тековната задача, туку и го отежнува извршувањето на наредните задачи, особено во училница. Емпириските докази покажуваат дека учениците кои користат телефони за време на час не само што водат помалку белешки, туку и постигнуваат пониски академски резултати во споредба со оние кои не ги користат телефоните.
Дури и кога учениците тврдат дека можат да „мултитаскаат“, односно истовремено да слушаат предавање и да праќаат пораки, истражувањата покажуваат дека тие имаат потреба од поголем ментален напор за да се присетат на информациите. Друго истражување открива дека дури и кога телефонот не се користи, неговото присуство во близина, на маса, во џеб или в торба, значително го одвлекува вниманието и го намалува капацитетот за учење и помнење.
Децата стануваат експерти за кратки видеа, но се изгубени во подолгите задачи, во читањето, во разговорот.
Мобилен уште во петто одделение
Соња Трифуновска, одделенска наставничка во основно училиште во Тетово, води второодделенци. Вели дека уште во прво одделение таа разговара со родителите за влијанието на телефоните, за влијанието врз менталнтоо здравје, за влијанието врз концентрацијата, а предупредува и дека прекумерното користење може да доведе до потешкотии со учењето. Но, попусто. Некои од децата веќе од пониските одделенија си носат телефони, ги користат за време на одморите, а ги користат и за време на наставата.
„Кај мене, децата што живеат подалеку си носат телефони во ташна, за да може да се слушнат со родителот“, вели Трифуновска. Таа потенцира дека на училиште има активности кои се работат на табла со креда, па децата мора да се фокусирани кога пишуваат, не треба да им го одвлекуваат вниманието други информации.
„Тие треба да имаат доволно внимание за да можат подолго време да се посветат на активноста. Затоа им зборувам на родителите и дома да го ограничат користењето“, вели Трифуновска.
Според неа, друг аспект на проблемот е тоа што родителите не се толку дигитално писмени како нивните деца.
„Децата се во допир со различни апликации, кои можеби ги користат неправилно, но родителите не можат толку да помогнат оти дигитално се поназад од учениците“, додава таа.
Сè почнува од дома
Менталното здравје не може да се изостави од оваа приказна. Психијатарката д-р Ереблина Хоџа Јусуфи, специјалист по детска и адолесцента психијатрија од Клиниката за психијатрија вели дека има случаи каде што млади доаѓаат со родители на психоедукација, поради анксиозност, депресија, проблеми со спиењето, и неможност да функционираат без телефон.
„Децата и младите сериозно се зависни од нивните телефони. Тоа води до проблеми со исхраната, со сонот, потоа, имаат проблем со вршење на време училишни задачи“, вели Јусуфи.
Но, таа додава, треба да се знае дека сè започнува од дома, родителите треба да се свесни и да ги тргаат децата од телефоните оти тоа подоцна создава проблеми во развојот на личноста, води до анксиозност и депресија.
„Социјалните медиуми влијаат и негативно и позитивно, но нивната употреба треба да е ограничена. Децата се соочуваат и со сајбер булиинг, како резултат на користење на апликации како Фејсбук, ТикТок“, вели Хоџа Јусуфи.
Но, не сите наставници сметаат дека целосно треба да се забрани употребата на мобилните телефони во наставата, односно дека може да се најдат начини да се искористат во процесот на едукација. Професорот во средното училиште „Марија Кири Склодовска“, Александар Алексовски смета дека училишниот систем треба да се адаптира на новата реалност, без да ја игнорира.
„Телефонот е фантастичен уред кој има многу можности. Опасен е само ако неговата употреба излезе од контрола“, вели Алексовски. Тој смета дека наставниците треба да најдат начини да ги научат децата дека тоа е моќен извор на информации, на идеи, на ставови, мислења, да го користат најдобро што можат, да анализираат, да знаат да препознаат лажна од вистинита информација, да знаат да проценат, да искористат.
„Сè друго, вклучително и забраната за користење, сметам дека е контрапродуктивно“, вели Алексовски.
На неговите часови, тој вели дека се случува често да посегнуваат по телефоните и да скролаат, но тоа го прават ако им е досадно.
„Ако влезат во виртуелниот свет, тешко е да се вратат на часот“, вели Алексовски додавајќи дека новите генерации се пораснати со мобилен телефон и тоа им е дел од животот, не функционираат без него.
Вели дека предизвикот како да им се задржи вниманието е огромен бидејќи децата немаат концентрација, немаат трпение.
„Како да се реши проблемот? Со тоа што, јас не дозволувам да им биде досадно. Тие немаат проблем да го остават телефонот, но дали одземањето сосема може да донесе концентрација и внимание? Тоа не е решение. Решението е во самоконтролата. Пробувам да го играм и мобилниот како средство во наставата“, додава Алексовски.
Некои земји веќе воведоа забрани
Мета.мк пишуваше дека во еден од последните извештаи на Обединетите Нации, се препорачува да се забранат паметните телефони во училиштата, за да се подобри учењето и да се заштитат децата од сајбер малтретирање.
Барањето за забрана на паметни телефони треба да испрати порака дека технологијата, вклучително и вештачката интелигенција, секогаш треба да биде подложна на „човечко-центрирана визија“ за образование и никогаш не треба ја заменува личната интеракцијата со наставниците.
Во Франција, мобилните телефони се забранети во основните и средните училишта од 2018 година. Во Холандија во јануари годинава стапи на сила забраната за употреба на паметни телефони за основните и средните училишта. Во Италија, употребата на мобилни телефони во училницата е забранета дури и за образовни цели, врз основа на министерски декрет. Почнувајќи од оваа академска година, студентите во Грција се обврзани да ги чуваат своите мобилни телефони во торбите во текот на училишниот ден.
Очигледно е дека присуството и употребата на мобилните телефони меѓу учениците не е само прашање на дисциплина или навика, туку сериозен предизвик што го засега нивниот развој, способноста за фокус и емоционалната стабилност. Иако технологијата нуди бројни предности, нејзиното несоодветно користење, особено во образовен контекст, може да има долгорочни последици врз квалитетот на учењето и менталното здравје. Не станува збор само за намалена академска продуктивност, туку и за промена во начинот на кој младите размислуваат, се поврзуваат со светот и ја градат сопствената личност.