Во просториите на Македонскиот народен театар, во тек се пробите за театарската претстава „Ангели во Америка“ (дел I) од Тони Кушнер, во режија, превод и кореографија на Филип Петковски. Процесот на работа на претставата ќе се одвива во текот на април и мај, а нејзината премиера се очекува на крајот на мај.
„’Ангели во Америка’ е едно од најзначајните драмски дела на современиот американски театар, кое низ два дела ги прикажува животот, политиката и идентитетот во САД во 1980-тите, во времето на СИДА-кризата и на конзервативниот политички подем. Преводот, адаптацијата и сценската поставка се очекува да понудат современо и релевантно читање на ова моќно дело во македонски контекст“, велат од МНТ.
Продуцент е Петар Антевски, сценограф Мартин Манев, костимографка Антонија Гугинска-Јорданоска, а асистентка на режисерот е Антонија Белазелковска. Во претставата играат Јордан Симонов, Тања Кочовска, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски, Стефан Спасов, Александар Стоименовски, Илин Јовановски и Нела Павловска.

Фото: МНТ
Претставата се реализира како копродукциски проект меѓу МНТ и Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“ – Скопје.
„Со оваа продукција, МНТ и ‘Пресврт’ ја продолжуваат својата мисија за донесување актуелни, предизвикувачки и уметнички силни проекти на македонската сцена“, истакнуваат оттаму.