Општина Битола објавува јавен повик за учество во програмата на Битолско културно лето „Бит Фест 2025“

Општина Битола, оваа година по 17 пат го организира Битолското културно лето „Бит Фест“ и објавува јавен повик за учество во програмата.

Предмет на јавниот повик е кофинансирање на манифестации и проекти од областа на културата: музичка и музичко – сценска уметност, театар, ликовна уметност, видео, фото, филмска уметност, литература, фолклор, нови уметности и мултидисциплинарни проекти.

„Вкупниот износ на средства кои се предвидени со овој повик е 2.500.000,00 денари. Активностите треба да бидат реализирани заклучно со 31 август“, информираат од Општина Битола.

Како што велат оттаму, право на учество на јавниот повик имаат сите заинтересирани субјекти, физички лица, правни лица, здруженија на граѓани, владини организации и јавни установи од областа на културата со седиште во Општина Битола. Ако апликантот е со седиште во друга општина, проектот/активноста треба да биде одржана на територија на општина Битола.

„Со цел, поддршка и промоција на културните настани и дисперзија на случувањата на различни локации во Општината, приоритет ќе имаат манифестациите и предлог настаните кои ќе се одржат на алтернативен простор, соодветно на комплетноста на апликационата форма.

Организаторите на културните настани и манифестации кои се дел од програмата за култура, усвоена од Советот на општина Битола, немаат право да аплицираат на овој повик, а нивните манифестации ќе бидат дел од Програмата на ‘Бит Фест 2025’“, додаваат оттаму.

Потребните документи за пријавување, како и другите дополнителни информации, погледнете ги на следниот линк.