ЦГК: Речиси третина од фирмите чии лиценци ќе се одземаат имаат блокирана сметка или се неактивни

Секоја трета од фирмите кои се на списокот на Министерството за транспорт и врски за одземање лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање, по спроведените контроли и трагичниот настан во Кочани, има годишен приход помал од 15 илјади евра, додека приходи поголеми од 1 милион евра имаат само 33 фирми, односно 8%. Речиси една третина, односно 28% од фирмите за одземање лиценца се со блокирана сметка или се правно или деловно неактивни. 4% од овие фирми немаат вработен, а 3% имаат само еден вработен. Со повеќе од 10 вработени се само 3% од фирмите.

Ова го открива истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Оттаму наведуваат дека лиценци им се одземаат на 426 фирми, бидејќи од 479-те фирми на списокот некои се повторуваат, а на други им се одземаат по неколку лиценци. На фирмите ќе им се одземат 11 различни видови лиценци, а вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца.

„За најголем дел од фирмите, лиценците што ќе им се одземат не се услов за фирмите да работат и да добиваат државни тендери. Во моментов, само 49 од фирмите што се на листата за одземање лиценци имаат актуелни договори за јавни набавки во вкупна вредност од 26 милиони евра“, истакнуваат од ЦГК.

Сепак, како што наведуваат од Центарот, 23 фирми кои имаат важечки договор за јавна набавка ќе ја загубат лиценцата која била услов за добивање на тендерот.

„Овие фирми имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра“, посочуваат оттаму.

Според истражувањето, од сите фирми на списокот, 101 има добиено тендер во последните три години, во вредност од 77 милини евра. Приходи оствариле 85% од фирмите во вкупна годишна вредност од 128 милиони евра, за 2023 година која е последната година за којашто има објавено податоци.

„Најголем дел од фирмите остваруваат ниски годишни приходи. Во сите овие фирми работат 2188 луѓе“, додаваат од ЦГК.