Универзитетското студентско собрание на УКИМ го поддржува протестниот марш „Марш за ангелите“ во организација на семејствата настрадани во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој ќе се одржи утре (29 април) со почеток во 12 часот и 5 минути во Скопје.
„Како Универзитетското студентско собрание на УКИМ, сметаме дека е наша обврска, пред сè како граѓани, а потоа и како студентска заедница, да застанеме во знак на сочувство и поддршка кон оние кои претрпеа голема загуба и заедно да повикаме на одговорност и правда. Го поддржуваме барањето за јасни одговори и за итно преземање на одговорност од страна на институциите“, велат оттаму.
Протестот ќе започне пред Обвинителството во Скопје во 12 часот и 5 минути, време кое симболично ја означува задоцнетата реакција, и ќе продолжи кон Градскиот плоштад, а потоа пред Собранието на Македонија.
„Ги повикуваме сите студенти, како и целата јавност, да се приклучат и достоинствено, но гласно, да испратиме порака дека Македонија заслужува подобро“, додаваат од УСС УКИМ.