Овој настан има за цел да го дозаокружи прегледот на случувањата во „Бучниот алтернативен музички“ бран [„БАМ бран“] (в.постови 16 и 18) укажувајќи и на другите чинители, освен бендовите, кои се составен дел од него. Тука, пред сѐ, се мисли на: музичките радија, фестивалите и промоторите.
Една од предностите на Интернетот е можноста за т.н. онлајн радија. Радиото „Канал 103“ иако веќе неколку години нема радио фреквенција, успеа да „преживее“ благодарејќи на онлајн стримингот и неколкуте (преостанати) емисии продолжуваат да ја информираат радио-слушачката јавност со новостите од музичкиот свет. Со тоа, Каналот 103, иако во ограничен обем, продолжува да биде единственото алтернативно музичко радио во македонскиот „етер“. Не сум сигурен дали сѐ уште постои некоја топ-листа на македонски бендови, но секако дека е извесно дека студиото во МТВ останува отворено за нив.
Појавата на новото „Стереолаб“ на Културниот центар „Лабораториум“ е важно не само заради тоа што сега има уште едно радио како место за БАМ бранот, туку највеќе заради една од неговите програми: топ листата на македонски музичари – „Ритам и звук: ТОП 20“ секоја среда и „МК албум на неделата“, секоја сабота од 18:20 ч. А тоа е многу важен дел од тековната музичка сцена и за БАМ бранот особено. Се разбира, дополнување на ова се и неколкуте други тематски емисии, како „За нас почнува живот“, напр. Ним им се приклучува и агилното Радио МОФ кое несебично ја поддржува младата музичка продукција.
Фестивалите во Македонија се друга приказна. Едни од нив се познати долгогодишни и редовни: „Здраво млади“, „Земјотрес“ и ПИН музичката конференција во Младинскиот културен центар или ДФестивал, особено неговиот „Mosquito Stage“, кои се првите посериозни места за настап на младите и новите бендови. Но, покрај нив, сѐ повеќе се појавуваат т.н. „фестивалски“ алтернативи, односно, извесни иницијативи кои се самоорганизирани, самофинансирани и самовонинституционализирани. Еден од првите е оној на иницијативата „Под земја полесно се дише“ од пред 10 години, кој, иако е главно насочен кон поновата уметничка (ликовна) продукција, од самиот почеток се поставува и како платформа за алтернативни бендови. Од пред година ипол на овие „фестивали“ се придружува и „Skopje Space Jam“ фестивалот во Планетариумот на МКЦ.
Во духот на заедничарењето два фестивали оставаат силен впечаток. Четирите изданија на „Синестетика“ на северните ниски падини на Водно, на местото Шамак, станува сѐ попривлечно и за бендовите и за посетителите, односно, на заедничарите. Целодневната разновидна (не само музичка) програма собира заинтересирани на повеќечасовна дружба и активно поминување на денот во природа. Искачувањето до местото е одлична можност и за малку посериозна физичка активност. :)
Најмладиот „фестивал“ е, секако, „Сепак се врти“. Ланското издание ја промовира новата летна сцена „Лепеза“ во Градскиот парк, додека овогодишното издание е едно од најсериозните поместувања во обидот за децентрализација на настапите на бендовите од „БАН“ бранот: „Сепак се врти 2025 – Караван“ ќе ја сврти цела Македонија! Тоа е „фестивал со нова клима кој го навестува животот и новата страст“, всушност, еден „караван низ Македонија којшто ќе трае од 2-4 и 9-11 мај“. Во првиот термин најавени беа неколку града со неколку бендови: Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица, Куманово и Скопје, но, најверојатно, заради зголемениот интерес на бендовите, на програмата го додаде и следниот викенд. Потребата и желбата за свирки не се единственото важно во оваа појава. Уште поважно е што овој фестивал ја разбива концентрацијата на настани само во Скопје и се упатува, растеретен од скопјецентризмот [слоганот „Ние сме од Скопје“, напр.] кон своите врсници и во другите градови.
Вакво нешто не е забележано во македонската рок/‘н’рол историја, ниту во алтернативната! Тоа што државата никако да го направи со децентрализацијата (и покрај некои килави обиди), го направија бендовите од „БАН“ бранот! Тие покажуваат едно потполно поинакво доживување и разбирање на културните состојби на младите во другите и помалите градови, ја прифаќаат тамошната „утепаност“ и прават напори да ја утепаат таа и таква „утепаност“. И за оваа идеја не само што треба, туку и мора да им се честита и да се поддржи!
[Еден мал куриозитет: „Сепак се врти“ е наслов и на една чудна дневничка книга. Објавена 2022, но пишувана за време на корона-карантините, книгата е лично сведоштво, сеќавања и познавања на авторот, на Ангел Георгиевски, и е една мала историја на главните актери на цела една генерација, за рокенролот, за музиката, но и за културата на 1960те, во светот и кај нас; книгата е за културата на бунтовништвото и спротивставувањето на превладувачките општествени и идеолошки норми; тоа е книга која БАН бранџиите мораат да ја прочитаат (за општа култура, ако не за друго)… Меѓутоа, нејзиниот наслов е одлично и соодветно избран. Тој е превод на исказот „Eppur si mouve“ што му се припишува на Галилео Галилеј од 1633 со кој пред Инквизицијата се спротивставува на дотогашното толкување дека сонцето се врти околу земјата, сметајќи дека е обратно, а во моментот кога повторно стапнува на земја и погледнува кон сонцето додека го префрлаат од еден во друг затвор. Галилео еретикот (како поединец и верник не во верата, туку во науката) се спротивставува на една од најмоќните институции на времето – на католичката Црква и нејзината Инквизиција. Георгиевски затоа ја прави оваа паралела со Галилеј затоа што рокенрол културата е движење, отпор и борба против превладувачкиот систем. Фестивалот „Сепак се врти“ не е далеку од овие исти позиции и, оттука, тој е движење, отпор и борба против превладувачкиот систем, нашиов, сегашниов, кој ги запусти другите градови, меѓу другото…]
Овие претстојни и некои поранешни мaли клупски свирки низ сегашна Македонија се случуваат паралелно со едни други мaли клупски свирки, овој пат и низ поранeшна Југославија. Тоа се должи на појавата и формирањето на неколку промоторни поединци и групи. Формирањето на Колективот „Гола планина“ е, недвојбено, еден од најважните настани во „БАМ“ бранот, не само за бендовите внатре во него, туку за примерот којшто го дадоа за самоорганизација и самоуправување, пример за една независност и нечекање некој друг тоа да го направи. Неколкуте здружени бендови координирани и преку промоторот „Мртов коњ“, по примерот на една од програмите на Каналот 103 „Ако никој не свири“ [тогаш ќе свириме ние], стана скелетот на БАМ бранот.
Ова и вакво здружување овозможи појава и на други вакви здружувања или, пак, ги доактуелизира и доафирмира, како оние, на пример: „Отров DIY“, „Gig Patrol“, „Друга страна“, „Boiling Point“. Ним им се придружуваат и „Демобилизиација“, „„Култура β“, „Силата еу младите“ проследено со медиумската поддршка на „Нулта“ и, особено, на Радио МОФ. Врзано за ова, особено е важно што такви здружувања се појавија и во другите градови, пред сите Битола со Независната културна иницијатива „Пондер“ и „Хotel music“ и „Гунгула“ од Прилеп.
Промоторите и бендовите направија и прават уште една многу важна работа: во Македонија носат бендови со кои заедно свират низ поранешна Југославија, но и вон од неа. Така, тие формираат една мрежа на врски и соработки во кои најважно е заедничарењето, споделувањето на сопствените погледи за музиката и пораките коишто сакат да ги испратат. Тоа е клучно: без да се слушне како и други свират и звучат за да се спореди, ќе се тапка во место; без да се слушне како и други свират и звучат сцената ќе се угуши во сопствената самобендисаност; без да се слушне како и други свират и звучат – нема квалитативно да се напредува!
Оттука, The.Оut.s верува дека ваквите создадени услови сигурно ќе донесат уште поголеми, подобри и поквалитетни промени на македонската бучна алтернативна музичка сцена.
The.Оut.s
***
„The.Out.s“ е активистички поп-ап обид за критичко промислување на стварноста преку експериментирање со звуци во јавниот отворен (уличен) простор.
19: „Бучни простори“, 16 април 2025 (18:25-19:32); зад летната сцена „Лепеза“, Градски парк, Скопје [Настанот беше планиран да се одржи зад сцената „Школка“, но заради фудбалска утакмица полицијата не дозволи влез со возила во периметарот на стадионот.]
Дополнително за оваа сцена в. текстот на Виктор Танасковски во „Еasterndaze“: https://easterndaze.net/subcultures-vs-sculptures-a-quick-glimpse-into-skopjes-local-music-scene/
[The.Out.s овој пат се: Андреј Павлов, Петар Марковиќ и Небојша Вилиќ]
**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторот и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ