Во последните три години, од Медицинскиот факултет во пензија заминале 57 наставници, еден починал, а 22 избрани наставници направиле трансфер во приватното здравство или во странство. Од овие 22 наставници што се заминати во приватното здравство, само од Универзитетската клиника за урологија, во последните три години си заминаа двајца професори, вели проф. д-р Никола Јанкуловски, декан на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” кој годинава ја доби државната награда “Св. Климент Охридски” во областа на здравството.
Се надевам дека во наредниот период дел од овие проблеми ќе се решат, објаснува тој, бидејќи во овој момент веќе има 28 доктори вработени на повеќе клиники што имаат одбрането докторати, но во моментов не се избрани во наставно-научно или научно звање на Медицинскиот факултет во Скопје. Професорот Јанкуловски за весникот „Вест” зборува за проблемите со недостигот на наставен кадар на одредени клиники и катедри.
„Согласно Законот за здравствена заштита од 2012 година универзитетска клиника може да врши дејност ако во работен однос има најмалку пет вработени доктори на наука од областа на медицината, од кои најмалку двајца наставници на Медицинскиот факултет. Во моментов само една универзитетска клиника, а тоа е Клиниката за урологија, има само еден наставник вработен на Медицинскиот факултет. А иста е состојбата и на Универзитетската клиника “Св.Наум Охридски”, каде има еден професор, со што на факултетот имаме двајца вработени професори по урологија Сите останати имаат најмалку по двајца наставници, што е во согласност со Законот. Но загрижувачки е фактот што голем број универзитетски клиники немаат вработено најмалку пет доктори на науки, како што се универзитетските клиники за трансфузиологија, за оториноларингологија, за гинекологија, за пластична и реконструктивна хирургија, за урологија, за онкологија со радиотерапија, за ревматологија, за токсикологија, за трауматологија, за торакална хирургија и за детска хирургија“, објаснува Јанкуловски.
Вели дека Факултетот сè уште има резерва за да ги покрие потребите за настава на сите катедри.
„Со школата за докторски студии од 2011 година ќе имаме солидна продукција на докторанти, кои ќе бидат кандидати за избор на наставници во наредниот период. Првите докторанти ќе излезат на почетокот на 2014 година, тие доктори на науки ќе влезат во процедура за избор на наставници. Најалармантна е состојбата, како што кажав, на Урологија каде што има еден професор, но таму наскоро ќе добиеме уште еден. Потоа на Гинекологија има тројца професори, од кои еден оди во пензија, а на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија има тројца професори, но еден наскоро заминува во пензија. Но и покрај ваквата состојба, на Катедрата за хирургија има доволно наставници, бидејќи професорите од хируршките клиники се под една катедра, и ако од една област недостига наставник, има доволно од другите што можат да ја држат наставата“, додава тој.