Во вторникот се оддржа настапот на Pine Leaf Boys, бенд од Америка кој е номиниран четири пати за наградата Греми. По потекло од Луизијана, момците успешно го пренесуваат духот на традиционалната cajun музика низ целиот свет. Како дел од програмaта на Амбасадата на САД, после многу земји бендот имаше два настапи во Македонија, еден во Штип (Мултимедијалниот центар на УГД) и еден во Скопје (во МКЦ).
Непосредно пред почетокот на концертот во МКЦ, после тонската проба, поразговаравме со фронтменот на бендот, Wilson Savoy, главен вокал и свирач на мала хармоника и пијано.
Колку држави посетивте до сега со програмата на Амбасадата на САД?
Програмата започна со Саудиска Арабија, УАЕ, Ерусалим, Латвиа, Данска, Словенија, Узбекистан, Киргистан, Таџикистан, Турција и сега Македонија, вкупно 11 држави.
Пред да дојдеме тука, не знаевме многу за Македонија, а и тука сме до сега само еден ден. Но одзивот што го добивме до сега, особено од младите луѓе е позитивен, им се допаѓа музиката, не слушнале ништо вакво до сега. Имавме шанса и да слушнеме македонска традиционална македонска музика, ни свиреа вчера на универзитетот. Како и секаде каде што патуваме, на прв поглед луѓето се зачудени, како што е ова, кој е овој смешен инструмент на кој свират, што е сево ова… На почеток мислам доаѓаат со некој впечаток дека ќе биде клише и досадно или дека нема да им се допадне. Во рок од 5 минути, сите танцуваат и одлично се забавуваат. Секогаш е добро чувство кога ќе дојдат си мислат дека нема да им се допадне, а си одат со солзи на очите, се тресат, се сликаат со нас и е навистина кул да се гледа сето тоа.
Како луѓето од различни земји реагираат на вашата музика?
Секогаш добро, на некои места е и фантастично, луѓето се однесуваат како да гледаат рокенрол бенд, како што се Rolling Stones или Led Zeppelin…Луѓето навистина се возбудуваат. Од Узбекистан, има многу видеа на Youtube, имаше толку многу публика што мораше да има полиција на сцена, да ги турка луѓето настрана. Лудо е. На некои места е како рок концерт, а на некои така поопуштено. Никогаш не можеш да предвидиш, сите држави и култури се различни. Некои луѓе се посрамежливи од други… но секогаш е позитивна атмосферата.
Кој е најголем фестивал на кој сте биле дел од програмата?
Во првиот момент кога ќе отидете на нашата веб страна, pineleafboys.com, има слика од мене каде што можете да ја видите публиката. Тоа беше во Англија на фестивал кој се вика Womad, и по моја проценка имаше околу 100.000 луѓе таму.
Исто така на вашата веб страна прочитав дека сте сите од Лафајет, Луизијана…
Сите сме од околината на Лафајет, кој е голем град… Голем град, со околу 150.000 жители. Јас и Кортни, виолинистот, сме од мало градче кое се вика Јунис, кое има околу 12.000 жители. Но сите се имаме преселено во Лафајет зашто таму се сите свирки, сите добри ресторани. Се добро што може да се прави е таму, затоа и сите живееме на тоа место.
Има ли некоја „луда“ приказна, како се собравте во бендот?
Па да, кога прв пат станавме бенд сите живееме во иста куќа. Во голема куќа за да плаќаме евтина кирија, сите живеевме таму. Седум луѓе во прилично малечкна куќа и така станавме пријатели и музичари. Сите свиревме заедно, jam сесии на тарасата и пред да се свестиме почнавме да свириме на кампусот на универзитетот. И еден ден дојде полицаец и ни рече да прекинеме, рече мора да се тргнете од тука не може повеќе да свирите. Затоа напишав писмо до весникот да се пожалам за тоа што се случи, и сите барови и клубови од Лафајет ни пишаа дека ако не можете таму, дојдете кај нас да свирите. Тогаш почнаа да ни плаќаат да настапуваме и од тој момент натаму ова стана секојдневна работа.
Вие сте и професор на факултет за cajun музика, кое е подобро чувство да свирите музика или да предавате на ученици?
Тоа се две сосема различни чувства, кога ја свириш музиката е како забава. Горе си, пиеш, танцуваш, се забавуваш, ја имаш можноста да разговараш потоа со луѓето што се забавуваат, да го прошеташ светот… но предавањето е сосема различно, има луѓе кои се многу заинтересирани и сакаат да научат за тоа, сакаат да научат како да го прават тоа. Тоа знае на моменти да стана монотоно затоа што цело време го предаваш истото. Некои многу брзо сфаќаат, некои побавно, но навистина е кул што универзитетот нуди програма каде што можеш да научиш cajun музика. Се учи како се свири виолината, хармоника, и јас сум дел од тоа од самиот почеток.
Најверојатно поради тоа сте инволвирани од самиот почеток, претпоставувам дека ве инспирираат cajun музичари низ целата историја. Дали има некои мејнстрим музичари кои ве инспирирале при создавањето на оваа музика, некој познат бенд, пејач, пејачка?
Да, од не-cajun потекло, јас сум под големо влијание на Ray Charles и Jerry Lee Lewis. Тоа се двајцата музичари со најголемо влијание кај мене, затоа што на почетокот свирев пијано, но тоа е за мене. Сите од бендот си имаат различни влијанија. На пример, Кортни го сака George Jones што е кантри музика. Имаме свои влијанија, но кога станува збор за некое големо мејнстрим име од денешницата, не сме заинтересирани. Повеќе сакаме музика од 50-ти, 60-ти, 70-ти, тој стил на музика.
Едно прашање само за вас. Како напредува вашата актерска кариера?
Господе… Смешно е што секогаш кога ќе ме викнат да глумам некаде, секогаш се глумам себеси. Знаете ликот е Wilson Savoy од Луизијана. Од секогаш сум уживал во тоа, во серијата Треме која беше од Луизијана. Уживав во тоа и би сакал уште.
Какво беше чувството да се работи со David Simon?
Кога ме повика да глумам во серијата јас не ни знаев кој е тој. Откако ме праша, направив мало истражување да видам дали е вистински човеков, или е некој преварант. И тогаш дознав за The Wire, неговата серија и сите кои имаа слушнато за него ми рекоа како не „зезај“, мораш да работиш со човеков. Беше одлично, и претставува голема чест да се играш себеси во една толку голема серија. Мислам дека серијата беше многу квалитетна и одлично ги портретираше музичарите од Њу Орлеанс и cajun музичарите.
Едно прашање за крај, бидејќи вашата музика е уникатна за оваа земја, каков алкохол препорачувате да пиеме додека ве слушаме?
Па, каџуните сакаат да пијат пиво, без разлика дали готват, танцуваат или свират. И тоа го пијат во големи количини, не многу силно пиво, преферираат лесни пива. Некои од поелитните, сакаат да пијат скоч, виски или виски кола. Се што ќе направи да се опуштиш и да заборавиш на напорниот ден на работа што си го имал. И за добар старт на ноќта и за едноставно убаво да си поминат. Посрамежливите имаат потреба од тоа за опуштање, додека пак некои изгледаат како да се пијани цело време. Некои и не пијат толку многу, но самата музика со себе носи многу пиење. Се случува некогаш да свириме и по четири часа, без пауза и прекинување. Кога го правиме тоа, потребни ни се неколку пијачки за да продолжиме.
Николај Митрески