На следното екстерно оценување ќе биде креиран т.н. „јавен отворен базен на прашања“ за сите предмети во основно и средно образование кои се дел од екстерното тестирање и тие ќе бидат јавно достапни триесетина дена пред полагањето, а три дена пред полагањето ученикот точно ќе знае по кои предмети ќе полага.
Ова се новините во екстерното оценување кои ги најави Министерството за образование на денешната прес-конференција, кои според МОН ќе придонесат за унапредување на системот за екстерно тестирање.
„При изготвувањето на прашањата кое е во тек, во предвид се зема застапеноста на наставниот предмет, односно неделниот фонд на часови по тој предмет. Така на пример за предмет кој е предвиден со еден час неделно ќе се изготват приближно 100 прашања, а за наставен предмет кој е застапен со два часа неделен фонд, приближно 200 прашања“, рече министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Според него, тематските прашањата ќе се однесуваат на содржини кои се лесни за помнење, но суштински многу значајни што ќе придонесе за стекнување на практично применливи знаења.
Новина е и тоа што од годинава со екстерното тестирање ќе бидат опфатени и учениците од завршните години кои ќе полагаат во текот на јануари.
На првото екстерно оценување кое се одржа годинава, беа забележани бројни технички пропусти како паѓање на компјутерскиот систем во неколку наврати во повеќе училишта, цели паралелки кои добиваат негативни оцени по одреден предмет, прашања во тестови кои се непропорционални со изучуваниот материјал, поставени прашања на јазик кој не е официјален, прашања со ниту еден точен одговор од понудените, прашања со повеќе точни одговори, прашања каде погрешен одговор се смета за точен, лошо формулирани прашања и други нерегуларности.
Над дваесет и пет илјади граѓани ја поддржаа петицијата на Младински образовен форум (МОФ) со која од надлежните институции се бара овогодинешното екстерно тестирање да се прогласи за пробно, што беше одбиено од Министерството за образование и наука.