Со едноминутно молчење во Собранието и собир пред парламентот утринава, беше одбележана една година од „црниот понеделник“, денот кој остана врежан како пораз на демократијата во Македонија.
Пратениците на СДСМ и коалициските партнери, облечени во бели маички на кои беше испишан зборот „Слобода“, се појавија на седница на Собранието, и свртеа грб на собраниската говорница и на собранискиот спикер Трајко Вељаноски и повикаа на едноминутно молчење во знак на 24 декември 2012 година и „смртта на слободата“.
Опозиционерите пак истакнаа дека власта го погази Уставот кога пратениците и новинарите со полиција беа отстранети од собраниската сала. Од Владејачката партија ВМРО ДПМНЕ пак се пожалија дека тие биле жртви тој ден бидејќи опозицијата не им дозволила да работат и да влезат во Собранието.
Со своја изјава по повод „црниот понеделник“ се јави и претседателот на ЗНМ Насер Селмани. Побара да се пронајде виновникот кој донесе одлука новинарите да бидат исфрлени од галеријата во Собранието, а истакна и дека вината за оваа одлука не смее да падне само на собраниското обезбедување и спикерот Вељаноски да биде амнестиран од одговорност.
И по десет месеци од поднесокот на ЗНМ пред Уставниот суд, посочи Селмани, судот не се изјасни дали на 24 декември со исфрлањето на новинарите од собраниската галерија е повредено уставното начело за слобода и право за јавно изразување.
На овој ден пред една година, откако опозиционерите насилно беа протерани од собраниската сала заедно со новинарите, пратениците од владејачката гарнитура сами го изгласаа Буџетот за 2013 година.
Снимките од тепачките во собрание стигнаа до светските медиуми, експертската јавност чинот го нарече смрт на демократијата во Македонија. Дека имаше прекршувања во Уставот подоцна укажа и анкетната комисија, работна група која беше креирана со цел да ги расчисти случувањата од 24 декември. Сепак, се уште никој не понесе одговорност за случувањата овој ден.
Како минатата година Радио МОФ ги виде настаните од „црниот понеделник“ може да прочитате ОВДЕ.