„Поаѓајќи од официјалните резултати, кои покажуваат алармантна загаденост на Тетово, 17 пати повисока од дозволеното, како и неможноста да се дише заради загадениот воздух на ниво на труење, ние граѓаните на овој регион најавуваме голем протест со цел да се стави крај на канцерогеното загадување на жителите на овој крај“, велат организаторите на протестот кој ќе се случи во недела во Тетово: „СТОП на канцерогеното загадување на Тетово“. Протестот ќе се одржи на градскиот плоштад напладне, поточно ќе започне во 5 до 12 часот.
Официјалните податоци од мерењето покажуваат дека во Тетово не станува збор веќе за загадување туку за труење, вели Аријанит Џафери, член на организативниот одбор за протестот . Овој злочин, додава тој, ова тивко убиство кое се врши над 200.000 граѓани мора да престане.
„Тетово и околината се трујат а надлежните органи молчат. Фабриките работаат без минимални еколошки стандарди, без филтери и без ниту еден град почит кон граѓаните кои ги трујат. Во овој период секогаш се појавуваат дивите депонии (несовесни луѓе палат гуми а некои палат и уље). Мора на ова да се стави крај. Мора да бидеме свесни со кои последици, кои болести не очекуваат ако продолжиме да спиеме дома како ништо да не се случува. Да сумираме, мотивацијата лежи токму во горенаведената причина која е тесно поврзана со здравјето на граѓаните на сите возрасти особено болести на респираторните органи како и канцерогени заболувања. Здравјето нема цена и тоа сакаме да го потенцираме со овој мирен протест каде што граѓаните ќе покажат дека свеста не е изгубена и дека сите имаме право на чист воздух“, вели Џафери.
Организаторите бараат надлежните органи да интервенираат со тоа што ќе им се наложи на најголемите загадувачи да престанат со работа се додека не вградат филтри според ЕУ стандардите. Како голем проблем ги посочуваат и несовесните граѓани кои што палат гуми и други отпадни материјали во близина на градот.
„За протестот има многу интерес. Овие конкретни каузи за нас се приоритетни затоа што водата која ја пиеме и воздухот кој го дишеме се најважни. Целата акција е почната преку социјални медиуми и до сега судејќи по тоа околу 650 луѓе имаат потврдено учество. Се надеваме дека ќе ја подигне свеста на луѓето кои имаат право да го кренат гласот за себе и за своето здравје. Очекуваме масовност“, вели Џафери.
Организаторите ги повикуваат сите политичари заедно со градоначалниците на општините Тетово, Теарце, Јегуновце и Желино да присуствуваат на протестот, бидејќи како што велат, правото на чист воздух е право за сите нас.
Елена Мишевска