„Само еден месец претходно, министерот за образование и наука со леснотија ја закопа неколкугодишната соработка на Министерството, ХЕРА и стручната јавност на создавањето на предуслови за воведување на сеопфатно сексуално образование“, пишува Велимир Савески, член на Управниот одбор на ХЕРА, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Кон крајот на годината, особено околу 1 декември – Меѓународниот ден за борба против ХИВ, се одржуваат трибини, дебати и јавни расправи на коишто се предлагаат конкретни мерки како да се подобри сексуалното и репродуктивното здравје на граѓаните во Македонија.
Само еден месец претходно, министерот за образование и наука со леснотија ја закопа неколкугодишната соработка на Министерството, ХЕРА и стручната јавност на создавањето на предуслови за воведување на сеопфатно сексуално образование. Рече не, за единствената ваква инцијатива. Тој немаше потреба да објаснува, туку преку одговори на новинарски прашања, доволно беше да обвини и да делегитимира дека работата на ХЕРА била несоодветна за деца, граѓаните не сакале сексуално образование и на крај да повтори во македонските училишта има соодветно сексуално образование. Мислеше на образование за животни вештини, предмет за којшто Министерството ѝ одобри на ХЕРА да го унапреди и да изработи прирачник за сексуално и репродуктивно здравје за наставници.
Никогаш не го видовме негативното мислење, според коешто прирачникот изработен од видни стручни лица не е соодветен за деца. Да имаше официјална рецензија ќе мораше да се спомне дека ова е првиот прирачник во кој, покрај другото, се обработува темата за интернет вознемирување.
По ова, сите се разбегаа. Дури и видеото што го снимивме никој не сакаше да го емитува, а камо ли да преземе мерки за да побара одговорност од Министерството и од Бирото за развој на образованието за обврските преземени во националните стратегии и препораките на Собраниските комисии.
2013 беше насилна година. Година со пораст на насилство меѓу младите, на семејно насилство, брутални пројави на хомофобично насилство. Евидентирана е енормно висока смртност на новороденчињата и најголем број на нови ХИВ случаи. Зад нас е уште една пропуштена учебна година во која младите не учеа за сексуалното и репродуктивното здравје и за родова еднаквост. Година која ќе се памети по првата забрана за отворена трибина за род со наставници, родители и ученици во реномирано средно училиште во Скопје, барана од училиштето, а потоа, половина час пред почеток, без јасни причини, откажана.
И наместо ние да повторуваме зошто треба да се подобрат информациите за младите за сексуално и репродуктивно здравје во Македонија, конечно некој треба да објасни и да се оправда зошто ги сопира сите иницијативи и зошто го урива она во чие создавање учествувал (Рамката за сеопфатно сексуално образование заедно со 23 организации), зошто ја порекнува потребата од сексуално образование, зошто не ги остварува националните стратегии потпишани од Владата, зошто не ги следи неколкукратните заклучоци кои ги наложуваат Собраниските комисии за пилотирање на сексуално образование? Да објасни, гласно и јасно, зошто е против образование и пристап до информации, зошто сеопфатното сексуално образование е забранета тема?