И оваа година, Радио МОФ ги издвојува најдобрите музички изданија по кои ќе се памети годината што изминува. Побаравме од членовите на тимот на радиото да направат листи од пет, според нив, најдобри албуми во 2013. Еве го првиот дел од овој избор, кој започнува со албумите кои ги издвојува Николај Митрески:
Chase and Status – Brand New Machine
Третиот албум на електронското дуо Chase and Status, „Brand New Machine“, е албумот што ги донесе момците на топ листите. Со фантастичните настапи низ целото лето се потврди дека фузијата на електроника со живи инструменти е тоа што е потребно на музичката сцена. Но секако, нека пројде уште некоја година, да се научат луѓето и критичарите да бидат полиберални.
David Bowie – The Next Day
Музичката икона се врати на сцената. После десет години пауза, господинот Bowie реши да се врати на музичката сцена, и тоа го прави фантастично со албумот „The Next Day“. Морам да се согласам со скоро сите критичари дека ова е едно од најдобрите изданија за оваа година. Чувствата овде се преголеми и се гледа дека David е помалце загрижен од староста и животот, како бил, како е и како ќе биде.
Eminem – The Marshall Mathers LP2
Откако пред некоја година го најави својот камбек (со албумот „Recovery“), бев малку скептичен дали ќе успее да го изведе тоа после скоро десетгодишна пауза. Помладите генерации почнаа да го запознаваат, а тие што веќе го знаеја, чекаа со нетрпение да се врати на својот стил. Овој албум е доказ за тоа. Соработката со многу продуценти, меѓу кои и Dr. Dre и Rick Rubin, го вратија хип хопот во стариот добар стил. Дали Еминем е модерниот Самсон, останува да видиме во наредните неколку години…
London Grammar – If You Wait
Деби албумот на британското трип хоп трио London Grammar за 20-30 години ќе го стават во листата на албуми на најдобри 500 албуми на сите времиња. ГАРАНТИРАМ!!! Мелахноличниот глас на Hannan Reid ќе ве опушти како никогаш до сега, а за музиката не се дискутира. Пуштете си го целиот албум, чаша вино е добредојдена и уживајте…
Stromae – Racine Carrée
Единствен музичар од неанглиско говор подрачје за кој се одлучив е белгиецот, Stromae. Неговиот втор студиски албум „Racine Carrée“ е дефинитивно најкреативниот албум според мене оваа година. Жанровски не можам да го класифицирам, зашто ги има сите можни жанрови во него. Доколку не разбирате француски, немојте тоа да ве демотивира. Скоро сите песни си носат своја тежина, и се гледа дека е правено буквално за сечиј вкус и вредат барем преводите да се прочитаат. Доволен доказ е тоа што албумот беше долго време број 1 во Франција и Белгија. Слободно одберете песна од него и пуштете ја во кој и да е клуб и ќе пројде одлично.
Еве ги и најдобрите пет албуми во 2013 во избор на Бојана Низамовска:
Volchano choir – Repave
Смела, самоуверена изјава на бенд кој конечно сфати дека создаде нешто посебно, но се уште не се свесни за тоа каде потоа ќе ги однесе. Иако предводени од Џастин Вернон познат по неговиот проект Бон Ивер, сепак сите шестмина имаат придонесено за креирање на грандиозниот албум со голема убавина која е претежно таинствена и на лирско ниво.
Haim – Days are gone
Деби албумот на трите сестри Хајм е фантастично забавно искуство составено од повеќе стилови – диско, поп, фанк, R&B и рок. Песните се многу “catchy” и кога ќе се фатите на мамецот ве тераат да ги слушате повторно и повторно, а мамецот секој пат е се подлабок и подлабок.
Rhye – Woman
Дуото составено од еден Канаѓанец и една Данец го создадоа еден похипстерските албуми годинава, во десет песни, со спектар на емоции предизвикани од љубов, кои се движат од бесконечна издигнувања до кршење на под, со чувство на дискреција која често отсуствува во денешната музика.
KT Tunstall – Invisible Empire
Ова е петтиот по ред албум на КТ, кој првпат после толку години потсетува на стариот вестерн звук со кој таа и се прослави. Таа повторно го отвора срцето широко, кое понекогаш застанува како има средба со новата реалност полна со опасни можности. Нејзините стихови кажуваат дека ранливоста не е само цената на човештвото, но и негова дарба.
Tom Odell – Long Way Down
Овој толку млад шармер со своите едвај дваесет години ги напиша најинтимните балади за оваа година. Насловот на овој деби-албум соодветствува на темата која се протнува низ сите песни а тоа е секако љубовта. Тој им изјави на новинарите дека инспирација за неговите стихови доаѓаат од неговата “неможност да се одржи врска со некого за повеќе од шест месеци”. Ова, иако малку драматично, јa објаснува точно содржината на овој албум.