Уметниците имаат уникатна можност да бидат активни чинители во општеството во одбрана на човековите права и слободи и тие не смеат да бидат неми набљудувачи на општествените состојби и процеси. Ова е идејата на проектот насловен „Проговори“ на невладината организација Цивил.
Симболичното повикување да се остане буден и гласен има две придобивки од кои едната е стекнување на нови уметнички дела кои зборуваат за човековите права и слободи, а другата е иницијативата за понатамошни слични активности.
Но, каква е реалноста за умениците во Македонија? Каква е нивната улога во општеството?
Во обид да одговори на ова прашање Џабир Дерала од невладината организација Цивил рече дека одбраната на човековите права и слободи, јакнењето на солидарноста меѓу луѓето е она што уметникот без разлика на жанрот со кој работи и без разлика на темата на која работа, тој секогаш и секаде е повикан да биде критичар на реалноста.
„Во последните години сме сведоци на ставање на уметниците во рамка, во институција и нивно замолчување. Нивно ставање во прагот во кој не смеат да кажат ништо што би можело да звучи политички. Деполитизирањето на уметниците, е токму тоа што ги прави да бидат политички алатки“, смета Дерала.
Статусот слободен уметник е категорија од македонската легислатива и се користи за дефинирање на уметници кои работат како трговци – поединци и да се професионалци, односно уметничкото творештво да им биде единственото занимање. Овој статус се добива преку конкурирање до министерството за култура.
Но, според Лулзим Хазири, програмски директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи, она што им недостасува на уметниците во Македонија е простор каде што ќе можат да ги реализираат своите идеи. Државата им дава простор на уметниците, но тој простор е прескап за нив.
„Мислам дека умениците треба да бидат поактивни и „поагресивни“, да го искажат своето мислење. Од ренесансата па наваму, улогата на уметниците во општеството ако се борат може да биде многу важна“, рече Хазири.
Според него, уметникот не е тоа што треба да биде во последно време во Македонија. Потребно е уметникот да умее да ѝ даде на публиката нови содржини кои ќе бидат со тек на времето и кои ќе го обликуваат подобро времето.
„Проговори“ е проект на уметниците за човекови права и солидарност. Во него учество зедоа бројни уметници и интелектуалци кои со своите уметнички дела придонесоа кон јакнење на јавната свест за човековите права и солидарноста, а воедно ја збогатија македонската културна сцена со над 70 уметнички дела претставени во низа мултимедијални настани и со настап на над 40 поети.
Емилија Петреска