Дури 545.000 лица или 27,1 отсто од вкупното население во Македонија живеат во сиромаштија, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Стапката на сиромаштија според возраста покажува дека во најлоша позиција се лицата до 17 години, каде стапката е 35,6 отсто, додека во групата од 18 до 64 години таа е на нивото од 25,9 отсто.
Анализирано по типови на домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца е 23.8%. Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни невработени лица изнесува 48.7%, додека стапката на сиромашни вработени лица е 10.0%.
Државниот завод за статистика, по спроведувањето на Анкетата за приходи и услови за живеење, која е во согласност со препораките на Европската унија, ги пресмета Лаекен индикаторите за сиромаштијата. Извор на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60% од медијалниот еквивалентен приход.
Според податоците на европската статистичка служба „Евростат“, Македонија е трета најсиромашна земја во Европа.