На само десетина километри од Струга се наоѓа Вевчани, зимава сончево, разиграно и полно со луѓе кои дошле овде да ги прослават новогодишните и божиќни празници. Иако многумина се шегуваат со вевчанскиот пасош, сепак и без него без проблем жителите ќе ве пуштат во ,,нивната држава’’.
„Доволно е да имате лудо срце и желудник за јадење и пиење“, велат Вевчанци.
По улицата која води до центарот на местото , старците и среде зима испоседнале по клупите. Младите се вратиле во својот топол дом и возбудено размислуваат за маските кои ќе ја обележат оваа Василица. Нивниот немирен дух е надалеку познат по Вевчанскиот Карневал. Сите Вевчанци живеат за тој ден, тогаш уживаат, се забавуваат го слават животот. Карневалот постои од кога постои Вевчани и е негов најголем белег. Секој кој го посетил Вевчани во време на карневалот не останал рамнодушен.. и не само тогаш.
Вевчани нуди некоја чудна енергија, убавина. Јабланица го прегрнала толку силно што се чини не му дава да дише, а сепак воздухот овде човек не може да се изнадише. Наближувајќи се кон Центарот, на секој чекор се слуша жуборење на вода која доаѓа од безброј изворчиња распослани низ местото. Ја здогледувам црквата Свети Спас, убава градба, што е својствена за надалеку познатите вевчански мајстори.
Пред вратата стои бабичка која ме отпоздравува и вели:
„Не чуди се чедо, мие немаме само еден Св.Спас. Опули се пругоре ке керстон, таму искачи се!“
И возвраќам со насмевка и гледам нагоре, а таму навистина како точка свети уште една црквичка која разбрав дека им била омилена на Вевчанци. На ден Спасовден, зимски и летен, Вевчанци секогаш оделе дури до таму, за како што велат, да бидат поблиску до Бога.
Продолжувам нагоре и повторно наидувам на вода , но овој пат од една убава фонтана која навестува дека конечно сум во Центарот. Овде има многу кафеани, луѓе и топлина во ладните зимски денови. Ги прашувам мечтаните каде може да се одморам и нагостам , а секој од нив го нуди својот дом, своето најубаво вино, најлута ракија и најблага луканца. Сепак си велат дека нема да се уморам се додека не стигнам до познатите Вевчански Извори. Колку сум поблиски до нив, се повеќе стари уредени градби се појавуваат по патот. Една од нив е и црквата Св.Никола, каде и во овие зимски денови верниците доаѓаат да ја посетат барајќи мир.
Неколку чекори понатаму, конечно ме обзема звукот на гласно разжуборена вода и мирис на спокојство , стигнувам до Вевчанските Извори, до бистрата и мраз студена вода. Безброј мостови и црквичиња како да пловат низ водата и восхитуваат со својата единственост и убавина. Тука е место за одмор, одмор на душата и одмор на телото.
И конечно сфаќам, Вевчани е место за восхит. Од водата, каменот и земјата овие луѓе направиле рај на земјата. Всушност кога човекот и природата ќе се спојат во едно,тогаш јасно би можела да ја пренесам сликата за ова мало, а всушност големо Вевчани.
Даница Караташова