Искачувањето на Монт Еверест не беше доволно за Арсова да стане „Спортист на годината“!

Дури ни искачувањето на највисоката точка на светот, Монт Еверест, не беше доволно за Илина Арсова, првата Македонка која се качи на Еверест, да го заслужи „оскарот“ за спортист на годината кој вчера го доделија Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортови на Македонија.

Искачувањето на Монт Еверест не беше доволно Арсова да стане „Спортист на годината“!

„На наше заедничко изненадување и разочарување ве информирам дека искачувањето на македонското знаме на врвот на светот, Монт Еверест (8848м), за првпат во рацете на македонска жена, не беше вредно за награда на државно ниво – спортски оскар“, се вели во реакцијата на Илина Арсова, поставена на нејзиниот Фејсбук профил.

Според Арсова, најмногу ја повредило омаловажувањето на успехот, откако наместо како досега да биде најавена како „Првата Македонка на Монт Еверест“, вчера на свеченото доделување на наградите за „Спортист на годината“ била најавена како „Илина А. Член на експедицијата која го искачи Еверест“.

„Резултатот кој го реализиравме во мај 2013, до вчера гласеше: Илина А. Прва Македонка на Монт Еверест, додека вчера на свеченото доделување награди „Спортист на годината“, истиот беше најавен како „Илина А. Член на експедицијата која го искачи Еверест“ . Во секој случај ми беше особено драго што на таква престижна манифестација ја претставував Федерацијата на Планински Спортови на РМ. Честито до добитничката на наградата – Билјана Црвенковска, бек на ракометната репрезентација. Браво за оние кои ја смислија најавата, честитки до сите наградени и благодарност за оние кои гласаа (ако има такви). П.с. Наравоучение: И за Еверест требало книшка“, реагираше денеска Арсова.

На вчерашното доделување на  оскарите за најдобри спортисти организирано од Сојузот на спортови на Македонија и Агенцијата за млади и спорт, наградите за спортисти на годината ги добија капитенот на ракометната репрезентација Кирил Лазаров и ракометарката на ЖРК Вардар, Билјана Црвенковска.

Радио МОФ побара коментар од Агенцијата за млади и спорт за реакциите околу доделувањето на спортските оскари, но оттаму не информираа дека лицето задолжено за односи со јавност е на годишен одмор.

К.О.