„Сакам да ги насмеам луѓето. Тоа што го правам е каприциозно, но забавно.Својата работа ја нарекувам „слатка измама“ бидејќи користам најразлична храна за да ги промовирам природните продукти и здравата исхрана“, тврди фотографот Карл Ворнер кој веќе со години го воодушевува светот со своите необични фотографии.
Kарл Ворнер е роден во Ливерпул во 1963 година, а својата кариера ја почнува како дете кога започнал да црта на секоја празна површина. Дури откако се сели во Kент, а потоа и во Лондон, тој почнал да се усовршува на разни универзитети(Maidstone Art College, London College of Printing), се додека не запловил во светот на фотографијата и илустрациите.
Последните години светското внимание го привлекува со проектот “Foodscapes”, a поголем успех следи откако „Sunday Times” му отстапил голем простор во 2008 година. Потоа необичните фотографии брзо го освојуваат светот.
„Мислам дека храната е еден од најважните аспекти на нашите животи, нашето друштво и култура. Славејќи ја храната преку уметноста, оддавам почест на една од нашите најосновни потреби. Здравата и домашна храна е нешто што може да го собере на едно место семејството и друштвото, давајќи ни чувство на единство. Задоволството од одгледување на храната, подготвување оброци и делење со пријателите е една од најголемите сили на нашето друштво”, тврди Ворен за Б92 додавајќи дека му е чест што на овој начин може да го овековечи култот кон храната.
Неговите дела до сега се изложувани во галериите низ цел свет, a до сега објавил и две книги „Carl Warner’s Food Landscapes” во 2010 година и „A World of Food” во 2012 година, втората наменета главно за деца.
Кога создава, Ворнер тоа го прави од своето работно биро со димензии 3.5×2.5 метри, посебно наместено за неговите фотографии да добијат трета димензија. На неговиот уметнички развој вели дека влијаеле Роџер Дин, Патрик Вулдроф и Салвадор Дали.
Во текот на создавањето користи различни макети и обележувачи, a често, појаснува умтникот, се советува и со стилисти за храна за да креира автентична сценографија.
„Се почнува така што цртам основни скици со класични техники и методи, а потоа со својот тим ги развивам идеите”, вели тој. „ Морам на прв поглед да ја прелажам публиката да помисли дека ова се навистина фотографии од вистински предели, па дури потоа да анализираат дел по дел за да сфатат од што се се состои фотографијата. Дури тогаш гледачот ќе се насмее и на сликата и на себе си…За мене тоа е омилениот дел.“
За секое дело троши по неколку стотини фунти, но тој износ зависи од пределот кој сака да го претстави и од достапноста на намирниците кои ги користи.
„ Како на пример, сцена во која сум користел јастог, чини значително повеќе од пејзаж насликан со помош на зелка. Сепак, во последно време се повеќе користам и полистрен, за да трошам помалку пари на храна која подоцна се фрла“, вели Ворнер.
За разлика од многу уметници, Ворнер нема проблем со тоа да издвои најомилено дело. Без многу размислување вели дека тоа е секако пејсажот насликан со помош на риба (Fishscape). За изработка на таа фотографија му бил потребен цел ден, бидејќи морало да работи брзо и прецизно за да не се расипе рибата и да почне да шири непријатен мирис.
„Тоа ми беше еден од најтешките зафати, но секако и најмиризливите. Од мој агол, со малку потемно осветлување целата композиција на фотографијата оддава мошне убедлив впечаток на реален предел. Се уште не ми досадува да ја гледам таа фотографија, а со оглед на тоа што требаше многу труд за да ја поставиме таа сцена, значително ми е подрага од останатите”, објаснува тој.
Освен што ужива во фотографиите со храна, Ворнер ужива и да испробува специјалитети од целиот свет. Негова омилена дестинација, како за одмор, така и за гурманство е Италија.
„Ја сакам поради храната, поради неверојатните предели, историјата, луѓето, културата. Би рекол и дека италијанската кујна ми е омилена, иако обожавам јагнешко готвено со марокански зачини“, наведува тој. Кога е во прашање Лондон, градот во кој со децении создава и живее, препорачува:
„Задолжително треба да го посетите пазарот Боро, тоа е мое омилено место во Лондон. Toа е Мека за гурмани, секојаш ме инспирира.”