Постерот за овогодинешното издание на Скопскиот филмски фестивал, дело на уметникот Ване Костуранов освои Сребрена награда на доделувањето на најдобри филмски плакати кое го организира веб-страницата www.filmfestivalposters.com. Тој е во друштво со фестивалот во Карлови Вари и со уште три други фестивали. Златното признание го доби постерот на Канскиот филмски фестивал, додека специјалното признание на жирито го доби постерот за 85-годишнината на доделувањето на наградите „Оскар“. Третото место и бронзеното признание го делат вкупно 10 светски филмски фестивали.
Авторот на наградениот плакат Костуранов вели дека имал целосна слобода во изразувањето и обликувањето на идејното решение.
„Верувам дека не постои дизајнер што не би прифатил ваква понуда како голем предизвик, се разбира, имајќи го во предвид значењето и квалитетот на самиот фестивал. Оттаму се охрабрив и за ваков изглед на плакатот, сакајќи да пренесам дел од мојата естетика и сензабилитет“, изјави Костуранов.
Според авторот, генералната порака на овој плакат била за момент луѓето да се ослободат од секојдневието и преку филмската уметност да дозволат имагинацијата да ги спои со ѕвездите.