Три трговски ланци во Словенија ја прифатија иницијативата храната која поради строгите санитарни прописи би завршила во контејнер за отпадоци, но се уште е употреблива за исхрана, да ја наменат за бездомниците и сиромашните семејства, јави Танјуг.
На Иницијативата на „Лајонс клубот“ од Цеље и се приклучија трговските ланци „Меркатор“, „Туш“ и „Спар“, кои ќе ја даваат храната на активисти, кои потоа ќе ја делат на оние кои не можат да ја купат во Цеље, Марибор и Трбовље.
Програмата „Вишоци храна“ наскоро ќе се прошири и на Копар, Љубљана, Ново Место и Крањ, пишува љубљанскиот весник „Дело“.
Станува збор за храна на која тој ден и истекува рокот на употреба – леб, печено месо, салати, овошје и зеленчук, сендвичи, млеко и млечни производи, а се доставува на местата за бездомници, сигурни куќи и други хуманитарни установи, како и на сиромашните семејства со повеќе деца.