Учениците на прагот на екстерно тестирање, ќе се надминат ли старите проблеми?

Наближува екстерното тестирање, а со тоа и загриженоста дали ќе се повторат негативните искуства од минатата година. На 22 и 24 јануари ќе бидат тестирани учениците од завршните години на средното образование, додека останатите ученици ќе бидат тестирани пред крајот на учебната година.

Фото: РСЕ

По големиот број на технички проблеми при последното екстерно тестирање, министерството за образование најави повеќе промени во начинот на полагање, како и нов електронски систем на македонски, албански и турски јазик преку кој беа објавени прашањата за тестирањето.

Првото екстерно оценување кое се одржа минатата година помина со бројни технички пропусти како паѓање на компјутерскиот систем во повеќе училишта, цели паралелки добиваа негативни оцени по одреден предмет, прашања во тестови кои се непропорционални со изучуваниот материјал, поставени прашања на јазик кој не е официјален, прашања со ниту еден точен одговор од понудените, прашања со повеќе точни одговори, прашања каде погрешен одговор се смета за точен, лошо формулирани прашања и многу други нерегуларности. Дали годинава ќе бидат надминати овие недостатоци на екстерното тестирање или повторно учениците ќе се соочат со старите проблеми?

Од Министерството за образование и наука за Радио МОФ велат дека не се очекуваат поголеми проблеми при ова екстерно тестирање, бидејќи по ланските искуства се преземени повеќе чекори за подобрување на целиот процес.

„Сите забелешки во однос на потенцијални неправилности или нелогичности во прашањата беа пријавувани до 10 јануари и истите се разгледани и инкорпорирани во системот од стручни тимови. Системот за полагање е унапреден, интензивно се работеше со училиштата за решавање на проблемите и овој пат системот е поблизок до учениците“, велат од МОН.

Од Младинскиот образовен форум, организација која собра над дваесет и пет илјади потписи на петицијата со која од надлежните институции се бараше минатото екстерно тестирање заради многуте проблеми да се прогласи за пробно, велат дека годинава најголемиот фокус треба да се стави на резултатите кои ќе се добијат и да се види дали има отстапување во однос на просекот од минатата година.

„Секако дури и да има, тоа може да се должи на различни фактори, не неопходно на променетиот систем на спроведување на екстерно. Меѓутоа останува прашањето дали овој начин на полагање доследно ја исполнува целта на екстерното, која според МОН е проверка на објективноста на наставничкиот кадар при оценување. Не сме сигурни дека доследно ќе биде проценета објективноста на професорите, имајки во предвид дека прашањата од тестовите се однапред достапни на учениците“, велат од МОФ.

Тие веруваат дека годинава ќе има подобрувања во однос на полагањето, но велат дека останува да се види дали се решени другите проблем како: изменети упатства за училишните комисии во делот на пресметување на рокот за поднесување на приговор, дали се ревидирани основите за допуштеност на приговор, можноста за второстепена жалба, измена на третманот на единицата, како и дали ќе се почитуваат законските рокови за објавување на списоци за полагање.

Годинава МОН реши да примени друг пристап при екстерното оценување и претходно да ги објави прашањата кои ќе бидат дел од тестовите. Беше креиран т.н. „јавен отворен базен на прашања“ за сите предмети во основно и средно образование кои се дел од екстерното тестирање и тие станаа јавно достапни триесетина дена пред полагањето. Базата содржи околу 60.000 прашања, а бројот на прашања по наставен предмет зависи од тоа колку е тој застапен неделно, така што за предмет што учениците го имаат еднаш во неделата, во просек ќе има околу сто прашања. Двата предмета по кои ќе бидат тестирани, ќе бидат објавени на список три дена пред полагањето на 19 јануари.

К.О.