Во конкуренција на 360 фестивали од 34 држави, EXIT е прогласен за најдобар европски фестивал во 2013 година. Во гласањето учествувале околу 625.000 луѓе од цел свет.
Од 2010 година, кога започна доделувањето на EFA наградата, Егзит влегува во најтесниот избор од 10 најдобри фестивали, за годинава да стигне до врвот.
На гласовите од фановите им се додаваат и гласови од стручното жири, составено од најистакнатите личности од европската фестивалска индустрија.
Досегашни добитници на ова признание (Best Major European Festival) се Open’er Festival од Полска, Sziget Festival од Унгарија и Tomorrowland од Белгија.
Наградата ја прими Душан Ковачевиќ, еден од директорите на настанот.
„Би сакал да се заблагодарам на Европските фестивалски награди поради оваа неверојатна можност да го претставам Егзит пред целиот свет. Исто така би сакал да и се заблагодарам на фестивалската публика и членовите на жирито кои гласаа за нас. Некои од вас веќе знаат дека Егзит е единствен во светот бидејќи настана како студентско движење за мир и слобода во Србија и на Балканот. Веруваме дека друштвената одговорност и понатаму е важна причина за нашето постоење.
Поради тоа оваа награда ја посветувам на сите верни љубители на Егзит , посебно на оние од Србија и Балканот, како и на нашиот Нови Сад, најдобриот град на светот во кој Егзит се одржува уште од самиот почеток!”, изјави Ковачевиќ при доделувањето на наградата, пренесе Б92.
Во првата десетка влегоа: Dour Festival (Белгија) Hurricane/Southside (Германија), Open’er Festival (Полска), Pukkelpop (Белгија), Rock Werchter (Белгија), Sziget (Унгарија), Tomorrowland (Белгија), Wacken Open Air (Германија) и Woodstock Festival (Полска).
За најдобар фестивал со средна големина е избран Melt! Festival (Германија), а за најдобар мал фестивал е FUSION Festival (Романија).
Титулата најдобар фестивал на затворен простор ја понесе Metal Hammer Paradise (Германија), најдобар нов фестивал е B.my.Lake (Унгарија).
За фестивалска химна беше прогласена Get Lucky од Daft Punk, за хедлајнери Arctic Monkeys, а за дебитант на годината Imagine Dragons.
Наградата за најдобар фестивалски лајн ап ја понесе Berlin Festival, а омилен фестивал за самите изведувачи е Lowlands.