Како и претходниот протест кој тетовчани го одржаа на 29 декември, и денеска во пет минути до 12 часот, граѓаните се собраа да изразат револт од против неефикасноста на институциите против загадувањето во Тетово. На денешниот мирен протест симболично беше блокиран влезот во Тетово.
Од иницијативниот одбор „СТОП за канцерогеното загадување на Тетово“ на денешниот мирен протест ги потенцираа барањата испратени до Владата и локалните институции кои беа упатени на претходниот протест, но за жал се уште не се исполнети.
Иницијаторите бараат владата и надлежните министерства да се произнесат со статусот на исполнување на Оперативниот план за Југохром и воедно да им наложи на загадувачите под итно да запрат со работа се додека не се постават филтри на фабричките оџаци, ургентно да се реши случајот со дивите депонии во Полошкиот регион, субвенционирање на фактурите за струја на домаќинствата за 33%, се со цел намалена употреба на дрвата и јагленот како едни од загадувачите на воздухот и четвртото барање владините и општинските инспекторати за заштита од животна средина согласно законот да ги казнат сите физички и правни лица кои нелегално ги палат гумите и другите загадувачи во Полошките општини.
Од иницијативниот одбор „СТОП за канцерогеното загадување на Тетово“ најавуваат нови мерки и активности.
Бобан Костадиновски