Звуците од Македонија стигнаа и до Виетнам, благодарение на две ученички од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” кои добија можност да настапат со симфонискиот оркестар на операта и балетот на градот Хо Ши Мин. Зградата на Oперата беше излепена со плакатите „Sounds from Macedonia”, а Ева Богоевска (14 години) и Ени Вучидолова (17 години) останаа восхитени од несекојдневниот настан.
Богоевска настапи со концертот за виолина и оркестар во г-мол од Макс Брух, а Вучидолова со концертот за виолина и оркестар во а-мол од Јохан Себастијан Бах. Диригент пак беше професорот Ле Фи Фи кој го води оркестарот во училиштето.
„Голема возбуда и гордост ми претставува што имав чест да настапувам со симфонискиот оркестар во Хо Ши Мин, бидејќи ретко кој има можност за тоа. Пресреќна сум што успешно ја претставивме нашата земја Македонија и се радувам што имав можност да се запознам со една различна култура на живеење“, изјави Ени Вучидолова.
„ Преубавата и преполна сала за мене беа дополнителен мотив за убавата изведба. Маестро Ле Фи Фи и луѓето од организацијата во Виетнам се покажаа како одлични домаќини и се потрудија да го направат нашиот престој таму незаборавен”, додаде нејзината колешка, Ева Богоевска.
Ученичките настапија како врвни солисти, исто онака како што настапуваат сите познати имиња во класичната музика.
„На ова може да ни позавидат сите музички училишта од целиот регион”, изјави директорот на ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”, Јован Бицевски, кој исто така беше во Виетнам.