Во сабота (1 февруари), во Капан Ан се одржува несекојдневен настан, кој ќе ја отвори овогодинешната клабинг сезона – гостува еден од основачите на драменбејс жанрот Agnar Agnarsson или попознат како Agzilla.
Се работи за жива легенда на електронската музичка сцена – оригинален член на составот Rufige Kru (заедно со најзначајната фигура на драменбејсот Goldie) и еден од ведетите на култната лондонска дискографска куќа Metalheadz.
Покрај Agzilla ќе настапи и еден од најзначајните електронски музичари од поновата генерација – Bjarni Kjartansson aka Muted.
Практично, на скопската публика ќе ѝ биде преставено она што е моментално најквалитетно на една од најинтригантните сцени на светот – Исланд.
И да биде претставувањето на современата уметност на оваа арктичка земја комплетно, се погрижи Siggeir Hafsteinsson aka Sig Vicious, кој го дизајнираше комплетниот промотивен материјал за настанов. Станува збор за еден од најталентираните визуелни уметници на денешницата – главен дизајнер на Metalheadz и омилен соработник на иконата Goldie.
Најновата, оригами верзија на препознатливото лого на лондонска дискографска куќа е произлезена од перото на овој Исланѓанец, а оние кои најрано ќе се појават во сабота на влезот во Капан Ан, ќе добијат налепница со споменатото лого – подарок лично од Sig Vicious.
Кон богатата програма на настанов се придружуваат и македонско драменбејс дуо Anomalia Nativa и веќе докажаниот диџеј Nultabyte (Neuritmix).
Со оглед дека оваа мултимедијална екстраваганца носи назив „Polar Takеover“, за доловувањето на арктичката ледена атмосфера, ќе се погрижи магот на холограмските визуелизации Александар Атанасовски – Мутер.
Вратите се отвораат на полноќ, а влезницата чини 150 денари.
Претставувањето на исландските уметници е уште еден подвиг на Скопје Вавилон – новата форма на активизам, која веќе една година го унапредува културниот живот на нашиот главен град, угостувајќи ги најактуелните имиња на регионалната и светска клабинг сцена.