Луиза Винтон: Младите да размислуваат за отворање свој бизнис

Младите освен што мора да се посветат на сопствена надградба за да бидат атрактивни за пазарот на труд треба да размислуваат и за стартување на свои бизниси, порачува постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон. Во интервју за Радио МОФ таа говори за предизвиците при наоѓањето работа, можностите за самовработување и за новата апликација prv.mk.

Луиза Винтон: Младите да размислуваат за отварање свој бизнис

Присуствувавте на промоцијата  на првата веб апликација prv.mk која треба на едно место да ги собере сите информации за слободни работни места, пракса, волонтирање и обуки. Како ќе им помогне оваа апликација на младите и дали сметате дека ќе ја прифатат?

Мислам дека штом е поврзано со нови технологии, дефинитивно ќе биде прифатено од младите луѓе. Но важно е тоа што освен што оваа апликација може да се користи за да се најде вработување, исто така може да се користи за изнаоѓање нови идеи за тоа како да се комплетира образованието, за потоа најмногу да се одговара на потребите на пазарот на трудот. Често пати луѓето завршуваат со образование, но не разбираат кои вештини најмногу се бараат, па затоа ова може да биде корисна алатка.

Луѓето во Македонија често пати не се расположени да ја променат својата професија доколку не можат да најдат вработување од областа за која стекнале образованието. Вие сте од САД, како се прифаќаат овие предизвици на пазарот на труд таму?

Американците се навикнати да прават константни промени низ нивните кариери. Знам дека луѓето од генерацијата на татко ми најчесто работеле во една компанија, по што напредувале во оваа компанија и потоа таа се грижела за потребите на вработените низ годините. Но реалноста многу се промени оттогаш и луѓето мора да се прилагодат и дури и на многу поразвиени периоди во нивната кариера да учат да работат нешто сосема ново. Често ова е нешто што ќе мора да се случува и овде и тоа вклучува младите не само да се посветат на некоја компанија, туку и да размислуваат за свои компании, со што би нашле свое место во пазарот на труд.

УНДП беше дел од иницијативата за проектите за самовработување. Какви беа резултатите од оние кои добија средства за да отворат свој бизнис и колку од бизнисите станаа одржливи?

Ние сме горди на партнерството со министерството за труд и со Агенцијата за вработување бидејќи  низ седум години им помогнавме на 6.000 луѓе да креираат свои мали бизниси. Она што е добро е што во овој период, повеќе од 73% од овие бизниси продолжија да работат, што е висок успех, особено за малите бизниси. Ние ова го гледаме како нешто што сакаме да го продолжиме во земјата, како и да го извеземе и на други места, бидејќи е одличен пристап. Со малку тренинг за бизнис, планирање и селекција за тоа кој ќе добие поддршка, за да се осигура дека тоа се кредибилни бизнис планови, како и малку грантови, може да им се помогне на младите да отворат бизнис, како на пример што се отвори „бурито шоп“ во Скопје.

Значи повеќе би им препорачале на младите да стартуваат свој бизнис, отколку да чекаат вработување во администрацијата на пример?

Тоа е време од животот во кое треба да се преземат ризици. Да се рече, „ОК, што е она што навистина сакам да го правам и што е она што луѓето го сакаат од мене, што недостига на пазарот“. Исто така потребна е млада и свежа перспектива за да се види дека луѓето навистина би го пробале или купиле производот кој би го понудиле, како во случајот со буритото. Мислам дека е вистинска можност за креативните млади кои не сакаат можеби да работат во администрација, или можеби нема толку многу индустрии како што имало пред 30 години, да се одлучат да почнат свој бизнис.

К.О.