Под мотото „Вкусот на танцот“ од 7 до 29 април ќе се одржи десеттиот Танц-фест, за кој организаторот најави богата програма и почеток на регионална кампања за фестивалот.
– Нашата цел е април да живее во ритамот на танцот, истакна директорката на Танц-фест Рисима Рисимкин на прес-конференција и соопшти дека меѓу содржините на јубилејниот фестивал ќе бидат гостувања на Националниот балет од Марсеј, Ротердамската танцова академија, танц-настапи на неколку компании од регионот, танцови филмови во соработка со фестивал од Амстердам и три премиери на кои ќе бидат промовирани млади кореографи.
Новина ќе биде организирањето на првиот интернационален натпревар по танц кој ќе биде со меѓународно жири.
„Натпреварот ќе биде круна на фестивалот и негова нова страница“, рече Рисимкин, која неколку години го раководи и центарот Интерарт.
За регионална промоција на претстојниот Танц-фест, подготвени се пет кратки видеа од урбаниот живот на Скопје, за кои музиката ја компонираше Виктор Апостоловски, во продукција на Универзитетот ЕСРА.