Меѓу 100-те филмови кои најдобро ја прикажуваат миграцијата како глобален феномен и социолошки процес е вброен и „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.
Давид Фелипе Аранз, филолог и новинар, е автор на новата книга „Најдобрите 100 филмови за миграција“ (Las 100 mejores peliculas sobre migracion) која всушност е селекција на филмови низ кои авторот го разгледува прикажувањето и толкувањето на миграцијата на големите екрани, соопшти „Банана филм“.
Според Аранз, филмовите кои ги вбројува се претстави на реалните процеси на миграција, како клучен фактор на промена и влијание на секојдневниот начин на живот, но и на пошироки глобални процеси. Оттаму произлегува и важноста на филмовите, клучни во анализирање на миграцијата во историски континуитет.
Книгата беше промовирана на 27 јануари во „Каса де Америка“ во Мадрид. Авторот ќе го презентира своето дело преку петте најрепрезентативни филмови од неговата антологија: „Имигрант“ на Чарли Чаплин, „Америка, Америка“ од Елиа Казан, „Ос Бандериантес“ од Марсел Ками, „Изгорената кожа“ од Јозеп Мариа Форн и „Пред дождот“ на Манчевски.
„Пред дождот“ е најуспешен македонски филм, добитник на 30 меѓународни награди, меѓу кои и „Златен лав“ за најдобар филм на Венецискиот филмски фестивал во 1994 и номинација за „Оскар“ во 1995. Тој, исто така, од „Њујорк тајмс“ беше вброен меѓу илјада најдобри филмови на сите времиња, а беше прогласен за филм на годината во Шведска, Аргентина, Турција и Италија. Покрај бројните фестивали и награди, „Пред дождот“ е еден од ретките македонски филмови што се прикажани во киносалите и на телевизиите ширум светот.