Утре во 11:00 часот, во просториите на Бизнис салата на Скопски саем, Проектот за образование на Роми (ПОР) спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија ќе го презентира финалниот Извештај од надворешната евалуација на Проектот.
Во последните девет години, ПОР поддржа повеќе од 2.000 млади Роми на сите нивоа во образованието (од предучилишно до високо образование). Преку примена на холистички приод, Проектот значително ги подобри образовните постигнувања и ја зголеми стапката на завршување на средно и високо образование кај Ромите.
Џејмс Стајн, директор на канцеларијата на УСАИД во Македонија, Споменка Лазаревска, директор на ПОР, и Сузана Пецаковскa, координаторот на ПОР, ќе зборуваат за предизвиците и постигнувањата на Проектот и ќе ги споделат клучните наоди од Извештајот.
Проектот за образование на Роми на УСАИД е десетгодишна иницијатива (2004-2014) која има за цел да ги подобри стапките на завршување и образовниот успех на ромските ученици во Македонија. Применувајќи холистички приод, Проектот работи со едукаторите, учениците и родителите. Наставниците добиваат техничка помош, дидактички материјали и обуки за интерактивни наставни методи, како и насоки за справување со различностите во училниците.
За учениците, Проектот обезбедува помош за пишување домашни задачи и туторство (подучување) за конкретни предмети, како и менторство, стипендии, туторство и дополнителна академска поддршка за средношколците и студентите вклучени во проектот. Проектот го поттикна и го олесни вклучувањето на ромските родители во училиштата, преку организирање на работилници за важноста на образованието за нивните деца, редовното посетување на училиштата и развојот на децата.