Вo петок (7 февруари) во Концепт 37 ќе се одржи мултимедијалниот настан „Улица“ во рамките на одбележувањето на Меѓународната недела на продавачите на уличен печат. Организатор на настанот, чиј почеток е закажан во 20.30 часот, е единствениот уличен весник во Македонија „Лице в лице“.
Во рамките на настанот ќе биде прикажана изложба на фотографиите на Томислав Георгиев и Роберт Атанасовски. Со свои литературни записи ќе се претстават Никола Маџиров, Ирена Јорданова, Николина Андова, Иван Шопов, Ана Голејшка, Дарко Лешоски, Биљана Стојановска и Маја Васева, а најавен е и перформанс на ИНКА каде учествуваат Кристина Тодороска – Петреска и Климент Попоски заедно со продавачите на „Лице в лице“.
Присутните ќе може да се забавуваат со музиката на Мамут и Јашем , а настанот во Концепт 37 ќе биде искористен за промоција на новиот, 9-ти број на списанието„Лице в лице“.
И годинава Македонија се вклучи во одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, глобален настан кој го слави претприемачкиот дух и треба да го крене гласот на ранливите групи во борбата против сиромаштијата. Одбележувањето кое започна на трети февруари, ќе трае до крајот на неделата и во фокусот ја става борбата на луѓето на маргините преку работа во улично списание или весник и преку развој на своите вештини да и застанат на патот на бедата, но и да го свртат вниманието на јавноста кон социјалните проблеми. Во Македонија единствено вакво списание е „Лице в лице“ кое заедно со уличните списанија и весници ширум светот овозможуваат нови работни места и помагаат на маргинализираните да станат активни граѓани.