Викендов Скопје живееше за техно музиката, благодарение на настапот на Германецот Александар Ковалски и Хрватот Петар Дундов. Малата сала во спортскиот центар Борис Трајковски беше преполна, а журката со која заврши дводневната конференција „е-општество: Млади и медиуми“ ги исполни сите очекувања. Непосредно пред „дигиталната вечер“, Радио МОФ направи интервју со Ковалски кој беше и ѕвездата оваа вечер и кој со својот енергичен „лајв акт“ ја дигна на нозе целата публиката.
Својата музичка кариера ја започнува во осумдесеттите, а првиот настап во живо му беше во берлинскиот култен клуб Трезор со што му се отворија вратите за многубројни изданија и настапи низ целиот свет. Настапите во живо и неговата завидувачка дискографија му обезбедија место како еден од омилените артисти меѓу критичарите кои му доделуваат разновидни музички титули,како и две номинации на „German Dance Awards“.Кога и како почна вашата приказна со диџејството, кои се диџеите кои имаа најголемо влијание врз вашата музика?
Интересно е што на почетокот, кога почнав да пуштам музика по клубови не го правев тоа како класичен диџеј, туку заедно со бенд зад мене. Стапив во контакт со менаџерот на Трезор кој ми спомена дека сакал да има повеќе настапи во живо во клубот и му пратив демо снимка. Една вечер добив повик од него, ми рече дека ме очекува следната недела да пуштам музика во Трезор. Мислам дека не ни мора да кажам колку бев шокиран затоа што целиот процес се случи многу спонтано.
На самиот почеток слушав многу Чикаго хаус и техно, како на пример Пол Џонсон и Бу Вилијамс, но и многу електронска музика која доаѓаше од Њујорк како Сајнвејв, Дејмон Вајлд и Стив Стол, но и Карл Крег, Клод Јанг итн.
Колку е тешко постојано да се биде на пат и да се пушта музика во толку различни клубови и држави?
За среќа сеуште уживам во тоа. Обожавам да сум во клуб, да слушам и да пуштам техно и сеуште имам желба и мотив да го правам тоа. Кога имам слободен викенд секогаш излегувам во Берлин, во некои од клубовите за да слушам добра музика. Единствениот дел од сето тоа кој не ми се допаѓа е самото патувањето – тоа најдосадниот дел од животот на еден диџеј.
Каков е вашиот став во врска со тоа што денес се повеќе диџеи ја преземаат и улогата на промотори?
На почетокот секако мора да работиш за да стигнеш до позиција каде што нема да мораш да го правиш сето ова. Кога започнав воопшто не ни добивав пари, мојата плата беше неколку пијачки… и толку. Смешно е кога ќе помислам дека на мојата прва свирка морав да замолам еден другар да ме однесе до Трезор со автомобил, а морав сета опрема да ја ставам внатре за да ја пренесеме, што беше многу тешко бидејќи автомобилот беше многу мал. Но како што поминуваше времето и станував се подобар и попознат почнаа да ме плаќаат, по 50, по 100 евра, па ќе ми дадеа екстра пари за такси итн. Не може да очекуваат, оние кои допрва почнуваат со диџејството се’ да им биде ставено на располагање, одеднаш.
Кое искуство никогаш нема да го заборавите, некоја свирка или можеби соработка со друг артист?
Многу тешко прашање… Сум имал многу настапи насекаде низ светот, но еден од нив кој никогаш нема да го заборавам е настапот во Јапонија каде што свиревме три настапи во живо со Јoрис Вон и Сикрет Синема. Луѓето полудеа за тие три часа, никогаш немам видено таква енергија кај публиката. Што се однесува до соработката морам да го споменам мојот проект со Стаси од Сендер Берлин наречен Дабл Икс. Таква поврзаност не сум почуствувал со никој. Кога одиме заедно во студио, купуваме еден куп Десперадос (текили) ги пиеме и само почнуваме да работиме и се си доаѓа само по себе.
Што мислите за развојот на електронската музика во Берлин и во светот во последните 15 години?
Секако, стана многу покомерцијална затоа што многу повеќе луѓе почнаа да ја слушаат, како на пример во Америка, но кај нив повеќе е насочена кон ЕДМ. Додека пак во Берлин има многу туристи сега, па на пример кога пуштам музика во Трезор, 80 отсто се туристи. Од една страна тоа е добро затоа што има поголем прилив на туристи, па клубовите можат да вложат повеќе пари во нивниот развој. Од друга страна пак кога ќе излезам во некој од клубовите повеќе не можам да ги видам другарите, нешто што порано никогаш не се случувало. Не сакам да не сфатите погрешно, не велам дека туристите не се добра публика, битно е само да има добра енергија без разлика дали се од Берлин или пак се туристи.
Според вас, во која насока ќе се развива техно музиката?
Интересно е што олдскул техното се враќа. Кога ќе му пуштите, на пример Џеф Милс на некој осумнаесетгодишник тој не знае ни кој е артистот ни песната, но е фасцинаран со звукот кој доаѓа, како што беше и пред 20 години. Мислам дека е супер тренд што сите оние диџеји од старата школа повторностануваат познати.
А што е она што досега не сте го направиле, а останало како неисполнета желба низ вашата кариера?
Никогаш не сум имал специјални цели во мојата кариера. На пример никогаш не сум рекол: „Сакам да го направам ова и ова за да можам после да го достигнам тоа“. Одам во студио и правам музика кога ќе посакам и ја правам музиката што ја сакам. Едноставно ме прави среќен кога можам да правам добра, квалитетна музика и ја пуштам пред луѓето.
Дамјан Коложег