Руксандра Пандеа: Говорот на омраза на интернет носи сериозни последици

Како да се спречи говорот на омраза на интернет, како тој да се препознае, но и како жртвите да се изборат со притисокот наметнат од онлајн медиумите – ова се главните проблеми за кои во интервју за Радио МОФ зборува советничката за образование во Советот на Европа, Руксандра Пандеа . Пандеа беше гостинка на конференцијата  „е-општество: Млади и медиуми“, а за време на својот настап укажа на опасностите и потребата од сериозна борба против растечкиот тренд на е-насилство.

Рускандра Пандеа: Говорот на омраза на интернет носи сериозни последици

Фото: Ванчо Џамбаски

Кои се главните цели на движењето “no hate speech“ (без говор на омраза)?

Движењето претставува кампања иницирана од советот на Европа, водена од страна на млади луѓе кои имаат цел да заземат цврст став против секојдневниот говор на омраза кој се случува онлајн. Освен тоа овие млади луѓе исто така се борат против секаква дискриминација – на интернет и во живо. Сакаме да ги едуцираме луѓето во врска со говорот на омраза на интернет и последиците кои таа ги остава.

Што мислите дека е најголемиот проблем во врска со ова прашање?

Главниот проблем се состои во тоа што има најразлични типови на омраза, а многу малку даден простор да се реагира во врска со сето ова. Не навлегувајќи во регулациите кои се разликуваат од држава до држава, многу е тешко да процените на што треба да се одговори, каков одговор треба да се даде и како сето тоа да се направи на ефекасен начин. На крајот се сведува на индивидуалното мислење, што покажува дека се уште во Европа е многу присутен расизмот и дискриминацијата.  На пример има многу нео-нацистички групи кои се многу добро организирани и регрутираат членови преку интернет. Можеби тоа покажува и дека ние кои се бориме за правата на луѓето не сме доволно активни на интернет.

Фото: Ванчо Џамбаски

Дебатите се уште постојат, каде е црвената линија меѓу говорот на омразата на интернет наспроти слободата на говорот?

Како што кажа и еден од присутните за време на мојот говор, омразата не треба да биде гледана како слобода на говор туку како криминал. Оваа дебата ја имавме уште на почетокот на работењето на нашата организација и сите ни велеа дека пробуваме да ја ограничиме слободата на изразувањето. Но да не заборавиме дека не уживате само едно човеково право во дадено време, туку сите одеднаш. Ако со слободата на говорот мене ми се нарушува човечката слобода, тогаш веќе тоа не е слободно изразување. Слободата на изразување никогаш не била апсолутна – секогаш била регулирана со некаква граница. Затоа целата оваа дебата за слобода на говорот наспроти омразата ја сфаќам помалку апсурдно.

Изминатиот период медиумите обрнаа огромно внимание на темата говор на омраза на интернет, посебно кога во неколку случаи неколку тинејџери дури и си го одземаа животот заради ова. Како да се спречат ваквите ситуации?

Ова е само уште еден доказ дека треба нешто да се преземе. Треба да им се даде поддршка на оние кои се таргетирани, а честопати не знаеме како точно да го направиме тоа. Некои луѓе можат да се справат со тоа, но некои не можат и ги немаат потребните алатки за да си помогнат. Тие треба да се вклучат во процесот на разбивање на оваа омраза, затоа што тие најдобро знаат како е чувството да бидеш жртва на говор на омраза и секако најважното, како да се справите со ситуацијата. Мислам дека ова многу јасно укажува дека не станува збор само за поединечен случај или коментар на интернет, но токму тој можеби е последната линија пред тинејџерот да одлучи дури и да посегне по сопствениот живот.

Сметате дека државите треба да го регулираат интернетот поинтензивно, дали тоа би го намалило говорот на омраза на интернет?

Тешко е да се одговори на ова прашања затоа што прво треба да се размисли колку и дали државите можат да го регулираат интернетот, затоа што тој е збир од јавни и приватни сфери каде во многу случаи зад таа омраза не стои никаков идентитет. Се зависи од тоа што би регулирале и какви закони би носеле. Генерално мислам дека би било добро да носат регулации и закони во врска со говорот на омразата, но мора да видиме прво што точно се регулира затоа како што многу лесно може да се претвори во нарушување на слободата на изразувањето на граѓаните.

Оттука, верувате дека е поважно да се едуцираат луѓето како да се справат со овој говор на омраза на интернетот отколку тој да се регулира?

Мислам дека треба да работиме со младите и да ги научиме како да се справат и да излезат од овој циклус на насилство, но треба и една целокупна промена на културата. Прво да се таргетира, да се најдат жртвите и на крај да им се дадат совети како да се справат со сето тоа. Оние кои се сведоци на овој негативен феномен, било на интернет или на улица, мора да застанат во одбрана на жртвите и да кажат: „застани, ова што го правиш е многу лошо и нема да ти дозволам да ги вознемируваш овие луѓе“. Мислам дека кога општеството ќе го гледа ова на негативен начин тогаш и ќе го искаже својот глас, а само така ќе има големи подобрувања.

интернет

Фото: Ванчо Џамбаски

Каков совет би им дале на оние кои се жртви на говорот на омраза на интернет?

Прво би им кажала дека сите тие се убави човечки битија онакви какви што се и дека никогаш ова не треба да го предадет некому. Ова е повеќе став отколку совет и мислам дека ова не треба никогаш да биде заборавено. Потоа, подајте рака, побарајте помош ако ви е многу тешко, затоа што ова е еден од клучните чекори. Има многу сектори каде може да се обратите,  телефонски линии, младински организации или други институции кои постојат токму за оваа намера. Никој кој бил жртва на говорот на омраза не треба да мисли дека самиот тој е проблемот. Не сте вие проблемот, проблемот е во оние што започнуваат го говорот на омразата и во нивните верувања.

Дамјан Коложег