Денеска со почеток во 11 и 30 часот на Плоштад Македонија во Скопје, традиционално ќе се одбележи V-Day (В-Ден) под мотото Една милијарда се крева за правда, соопштуваат од организацијата ХЕРА.
Движењето V Day е најсериозното светско движење кога станува збор за превенција, третирање и запирање на насилството врз жените. Истото има за цел на еден креативен и мобилизирачки начин да ја покрене јавната свест околу нулта толеранција за разните видови на насилството, силувањата и трговијата со бело робје.
Според статистиките една од три жени е малтретирана во текот на нејзиниот живот , што не упатува на фактот дека над една милијарда жени се жртви на некаков вид на насилство – физичко, сексуално, вербално, психичко, економско…Поради актуелната состојба на жените, оваа година акцентот се става на потребата од потрага по правда.
Моментално во Македонија се подготвува нов закон за превенција од семејно насилство којшто ќе ја зајакне улогата на институциите во заштита на жртвите од насилство, а со самото тоа ќе се овозможи полесен и побрз пристап до правдата, на што впрочем се става акцент во овогодинешната кампања.
„Со самиот настан којшто на 14-ти февруари го организираат невладините организации МАДИ, Зонта Клуб Скопје, ХЕРА, СОЖМ и ОЖС сакаме да се кренеме сите заедно против насилството со танц којшто ќе се одигра на химната на оваа кампања – Break the chain со кој ги повикуваме сите случајни и намерни минувачи да ни се придружат. Зошто танц? Танцот има моќ да ја трансформира болката во чувство на слобода, на кое ние повикуваме и ги охрабруваме жртвите да му стават крај на насилството, да се ослободат и да живеат посреќни. Танцот почнува во 11 и 55“, соопштуваат организаторите.