Со протест пред Зоолошката градина во неделата во Скопје и петиција за нејзино затворање, активистите за заштита на животните уште еднаш укажаа на проблемот со чување диви животни во заробеништво.
Како што известија преку социјалните мрежи, во текот на протестот биле пуштени да влезат во зоолошката градина и да се уверат дека мајмунчето кое беше и повод за овој протест е во добра состојба. Сепак, посочуваат тие, остануваат на својот став дека зоолошката не е ништо повеќе од затвор за животни.
„Овој протест ќе биде прв од низата настани за подигање на свеста кај јавноста во однос на држењето на свесни и интелигентни суштества во заробеништво – декларативно за едукација на граѓаните, но сите знаеме која е вистинската причина зад тоа. Се надеваме дека со тек на време нашиот број на протестите ќе се зголемува и дека ќе успееме да издејствуваме значајни промени на ова поле во свеста на македонскиот народ“, објаснуваат од Здружението за заштита на животните и животната средина ЕДЕН.
Животните заробени во овие установи покажуваат знаци на психичко растројство како последица на болката што ја чувствуваат „живеејќи“ во неприродни услови, наметната им е и исхрана што најчесто ни оддалеку не соодветствува на нивните вистински потреби, наметнати им се партнери со кои во природата најверојатно никогаш не би се спариле, укажуваат активистите.
Тие се ја објавија и петицијата за затворање на скопската зоолошка и упатена до градоначалникот Коце Трајановски, на која можат да се потпишат сите оние кои сакаат да им кажат НЕ на зоолошките градини.
Обединетите Нации ја признаваат потребата од заштита на дивиот свет и на 20 декември 2013 година на 68 седница го прогласија 3 март за Светски ден за заштита на дивиот свет.