На малата сцена во Македонскиот народен театар вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Не се клади на Енглези“ во режија на Синиша Евтимов.
Проектот е инициран од тројцата актери кои играат во претставата, Паун-Сашко Коцев, Пикси-Оливер Митковски и Буле-Александар Микиќ.
– Темата на претставата е карактеристична за постранзициските држави во регионот каде игрите на среќа заземаат доминантно место во животите на голем дел од луѓето и претставуваат единствена надеж за заработка и за подобар живот, изјави Митковски на вчерашната прес-конференција.
Режисерот Евтимов смета дека ова е актерска претстава, каде трите фантастични ролји се работени низ документарна призма. Според него, претставата е и за пријателството, за нарушените односи во цивилизацијата, во човештвото.
Автор на текстот е на Владимир Ѓурѓевиќ, а преводот е на Александар Микиќ. Сценографијата ја изработи компанијата „Home by almak“ од Струмица, заедно со сценографот Илина Ангеловска. Костимограф е Ана Данчевска, а продуцент Виктор Рубен.