На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денеска официјално беше отворен 5. Меѓународен натпревар за роботика и вештачка интелигенција „РобоМак“, на кој во наредните четири дена своите програмерски вештини ќе ги претстават околу 70 домашни и 30-ина странски студенти од повеќе од 20 европски држави.
Тие ќе се натпреваруваат во пет категории: 1. Сумо; 2. Хуманоид; 3.Трка; 4. Роботска рака и 5. Вистинска цел – категорија воведена оваа година. Финалето ќе се одржи на 8 март во Дом на АРМ од 17 часот, а за најдобрите учесници-тимови ќе има награди – медали, сертификати и ваучери за курсеви.
„РобоМак 2014” е и работилница на која учесниците имаат можност да ги продлабочат и дооформат знаењата стекнати преку формалното образование на факултетите од техничките науки. Организатори се ФЕИТ и локалниот комитет на меѓународната мрежа EESTEC (Европска студентска асоцијација на студенти по електроинженерство).
Натпреварот за отворен го прогласија деканот на ФЕИТ Миле Станковски и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски.
Ректорот рече дека роботиката и вештачката интелигенција денес заземаат меѓу најзначајните места во науката и техниката и затоа на Скопскиот универзитет им се посветува големо внимание.
– Ако пред неколку децении роботите беа синоним за научна фантастика, денес тие се реалност, која покажува дека човекот со својата интелигенција од оваа научна фантастика направил реалност. Денес роботите не се само машини кои предизвикуваат воодушевување од нивниот механички и софтверски спој, тие се уреди кои навистина животот на човекот го прават полесен и покреативен. Од обични автоматски манипулатори до најсофистицирани вештачки органи. Од нумерички управувани машини до роботи кои се способни да мислат, рече Стојковски.
Деканот на ФЕИТ истакна дека „РобоМак“ станува традиционален семинар на роботика и натпревар на талентите од светот за новите технологии. Тој се осврна и на успесите на ФЕИТ во наставата, техничката опременост и големиот број акредитирани лаборатории.
– Нашиот факултет постојано ја унапредува својата работа на сите три полиња – едукација, наука и соработка со стопанството. За тоа сведочи и фактот што во последните две години ги иновиравме студиските програми на првиот и вториот циклус, а во моментов сме во фаза на иновирање на докторските студии. ФЕИТ останува да биде лидер во својата област и ние ќе се потрудиме да бидеме уште подобри, бидејќи кај нас студираат најдобрите, а „РобоМак“ е најдоброто нешто што се случило во светот на роботиката во нашата земја во последните пет години, истакна Станковски.
Организаторите на натпреварот се задоволни од интересот на македонските студенти за учество на „РобоМак“, но и за студиската насока автоматика, која ја има на ФЕИТ.