Со изложбата „Плакати од 70-ти/80-ти“ од Костадин Танчев Динка која ке се отвори на 06 март во 21 часот и официјално започнува сезоната на изложби во ГАЛЕРИЈА 8 (Стара Скопска чаршија – Безистен).
Врвното графичко мајсторство на Костадин Танчев – Динка многу лесно може да се препознае дури и кога пред себе имате само десетина плакати изработени според неговите графички решенија.
„Тесната селекција никако не значи скромност во изборот, туку напротив, изложбата на плакати во „Галерија 8“ ги претставува најкарактеристичните графички решенија на авторот изработени во неговото златно доба, во периодот од седумдесеттите до средината на осумдесеттите години на минатиот век. Во однос на темата, акцентот е ставен на плакатите изработени за дела од областа на културата и уметноста, како театарски претстави, филмови, архитектура, културни манифестации и неколку плакати од областа на индустрискиот дизајн“, наведува новинарот Тони Димков кој ќе ја отвори изложбата.
Костадин Танчев – Динка е еден од основоположниците на графичкиот дизајн во Република Македонија. По дипломирањето на Академијата за применета уметност во Белград во 1967 година во Македонија беше ангажиран како млада сила во областа на дизајнирањето. Го основаше студиото за дизајн при Културно-информативниот центар во Скопје, а оттаму ја ширеше новата графичка естетика. Најмногу од тој период потекнуваат и плакатите претставени на изложбата.
Покрај графичкиот дизајн, својот професионален ангажман едновремено го насочувал и кон театарската сценографија, филмската анимација, графиката, сликарството, додека негова потесна специјалност се визуелните комуникации. Во периодот додека беше професор по предметот Графички дизајн, на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, изгради неколку генерации млади графички дизајнери, пренесувајќи им го целото свое знаење и искуство, страст, посветеност и љубов кон графичкиот израз.
Изложбата ја организира Друштвото на ликовни уметници на Македонија.