Акција Здруженска ја започнува кампањата „Жените прашуваат!“ со која по втор пат ќе го одбележат месецот на правата на македонските жени, наместо 8 март како ден кога ова прашање привлекува некакво внимание во јавноста.
До жените од Скопје, Куманово, Битола, Велес и Тетово, ќе бидат дистрибуирани 30 000 поштенски картички на кои се наоѓа листа на услуги преку кои родовата еднаквост е дефинирана низ конкретни потреби за чие задоволување е надлежна или може да помогне локалната самоуправа.
Клучното прашање е кога жените ќе ги добијат овие услуги, кои се само навидум подеднакво важни за сите граѓани, а кои или ги нема, или се недоволни, или пак се скапи и жените не можат да си ги дозволат. Обезбедувањето на овие услуги, кои за жените значат поинакво секојдневие и поголеми можности, во најголем дел од општините не се приоритет (освен на декларативно ниво) и за нив никогаш нема доволно ресурси.
Кампањата е во функција на информирање и поттикнување на жените да почнат да ги бараат основните предуслови за остварување на нивните права, кои ги имаат на хартија, но не и во пракса.
Кампањата е дел од активностите на проектот на Акција Здруженска „Родова еднаквост е секојдневна потреба“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија.