Под мотото „Блесок – за сите нас!”, на 12 март (среда) од 20.30 часот до полноќ, во МКЦ Клуб-ресторан, културната установа „Блесок” ќе одбележи шеснаесет години од првиот број на е-списанието „Блесок – литература и други уметности”.
„Блесок“ е прво и најстаро европско интернет списание за култура и уметност. Првиот број на „Блесок – литература и други уметности“ излезе на 12 март 1998 година.
Во чест на овие шеснаесет години, во кои објавивме илјадници песни, раскази, извадоци од романи, драми, есеи, критики и осврти, слики, музики, видеа – дојде момент пак да се сретнеме, со насмевка – велат од „Блесок“.
На роденденскиот настан со свои текстови ќе настапат некои од авторите чии книги „Блесок“ ги објавил во изминатите 16 години: Елизабета Баковска, Румена Бужаровска, Џабир Дерала, Александра Димитрова, Богомил Ѓузел, Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Јелена Лужина, Оливера Николова, Михаил Ренџов, Благица Секулоска, Катица Ќулавкова.
На видеобим, со ликовни дела ќе бидат преставени голем број ликовни уметници. За музиката ќе бидат одговорни Марија џез-трио: Марија Димитријевиќ (вокал), Дејв Вилсон (саксофон) и Јовица Јовановски (гитара).
Електронското списание „Блесок – литература и други уметности“ излегува на секои два месеци, на македонски и англиски јазик, а го уредуваат домашен уреднички тим и меѓународен уредувачки одбор. Новиот, 94-ти број, беше објавен деновиве.