Со кои предизвици се соочуваат младите уметници во земјава, колку се слободни во своето творештво, што им пречи, се само дел од прашањата на кои зборува младиот уметник и граѓански активист Филип Јовановски за Радио МОФ. Тој беше еден од предавачите на неодамна одржаниот настан „Арт пред март“ , каде младите имаа можност да следат повеќе предавања и работилници за различни правци и техники од полето на уметноста, но и да научат како уметноста му помага на младинскиот активизам.
Според вас, дали уметноста треба да биде приказ на она што ни се случува или пак треба да го моделира општеството?
Сметам дека улогата на уметноста денес би требало да биде чекор понапред од она, како таа се разбирала, па дури и пред само 5-10 години, сметам дека уметноста треба да решава проблеми, а не само да ги поставува. Треба да се бори за подобар живот, да алармира проблеми, да ги детектира и со тоа да го моделира опшстеството, а не да биде обратно како што често бидува. Би го кажал доста пати повторуваниот цитат на Брехт, „Уметноста не треба да биде огледало на општеството, туку чекан со кој тоа ќе се обликува“.
Една од темите на „Арт пред март“ беше врската меѓу уметноста и актизмот, каква е оваа врска?
Денес, современата уметност на глобално ниво, се преклопува со повеќе области. Не можеме да зборуваме веќе за традиционална уметност разбрана и претставена само во галерија. Ако веќе уметноста би требало да биде чекан со кој ќе се обликува реалноста, тогаш активизмот е неразделив дел од неа. Се преклопуваат според мене, активизмот презема алатки од уметноста, повеќе на формално ниво, но и како функција, и обратно.
Врската помеѓу активизмот и уметноста, како и создавање активен однос кон општествените промени и одлуки за мене е многу важна. Би споменал, во таа смисла еден пример што ми остави впечаток, тоа е последнот ненајавен протест во музејот Гугенхајм во Њујорк, каде што група уметници, активисти, социолози, студенти влегоа во музејот со главниот слоган „IS this the future of art?“ и протестираа поради лошите услови и третманот на работниците во изградбата на новата зграда на Гугенхајм музејот во Абу Даби. Со тоа покажаа дека полето на уметноста и културата не е само во нејзината репрезентација, туку и во акцијата и целиот куп прашања што ги повлекува уметноста, сметајќи ја за последниот бастион на зачувување на етиката во едно општество.
Каква е перспективата на младите уметници во Македонија, може да се живее само од уметност?
Можеби прашањето би било од каква уметност? Ете гледаме дека доста „млади“ уметници живеат од правење „уметност“, се снаоѓаат… прават или учествуваат во дел од изведбата на скулптурите на проектот „Скопје 2014“, нивниот ангажман се претставува како еден од главните квалитети на овој проект, и дека ете, благодарение на него се вработуваат нови луѓе, уметници и слично, што никогаш до сега немале шанса да добијат работа и живеат од уметност. Добро, нека биде така, но што правиме со другите уметници што не се дел од тој проект или од некоја поширока рамка на дефинирање на националниот интерес во проектите што ги подржува актуелната културна политика? Од што да живеат тие? Нема уметнички и галерски пазар, нема дополнителни државни средства за независна култура, за независен културен сектор, како што има во повеќето држави во Европа, вклучувајќи го и регионот.
Хрватска на пример има одреден процент од буџетот на локално и национално ниво издвоен за независна, алтернативна, култура и уметност. И тоа несомнено дава резултати на на програмско ниво и квалитет со кој може да се мери со светски актуелни настани. Така што за мене прашањето би било, дали може да се живее од совремна култура и уметност? Лично, сметам дека не може… Затоа пак сметам дека треба да се наоѓаат нови форми на самоорганзирање, пред се во неформални групи и јадра и со тоа да се развива активна врска помеѓу независниот културен сектор и инстуциите од културата, а со цел да се мотивира одредена квалитативна промена во тие јавни институции.
Дали политиката ја избриша уметноста од нашите животи?
Бришењето на уметноста ни се случува пред очи, секој ден, физички…имаме историска „можност“ да го гледаме во реално време… Да се осудиш стилски, да менуваш фасада на објект како ГТЦ, еден од најрепрезантатвините објекти на доцниот модернизам и архитектура во државата, објект чии квалитети се препознаени не само од публиката/граѓаните и потрошувачите, туку и од сериозни локални и светски експерти, критичари , издавачи, тоа за мене лично е ништо друго туку сериозен неграѓански и неетички чин, започнувајќи од тој што го нарачал проектот, до „авторот“ што го нацртал . Тоа е баш бришење на уметноста, во буквална смисла.
Поврзано со вашите дела и јавно искажаните критички ставови кон општеството, сте почувствувале притисоци на своја кожа?
Да, сум почуствувал, насочени кон мене лично…но пренесени преку други луѓе, не директно.. Знаете, тоа е таа слабост спакувана во политичка моќ којашто мисли дека јавните пари можат да се трошат за лични суети. Да, и верувајте не е воопшто сеедно…она што лично ме погоди беше, како тоа може некој да се заканува поради искажани критички ставови во интервју, поради ставови со коишто не се сложува? Па нели се договоривме дека сме во демократија? Или пак секој различно ја толкува таа демократија? Не знам, навистина.. .Научив да се носам со тоа…некогаш и го сфаќам како комплимент(се смее).
Лани ја добивте годишната награда за млад ликовен уметник „ДЕНЕС 2013“, изминатиов период беше мошне продуктивен за вас. Што е она што публиката може да го очекува од вас, кои се идните предизвици?
Еден од проектите коишто во моментот ми претставува сериозен предизвик е проектот „Живи библиотеки:архиви на граѓанската непослушност“, проект што гоработиме заедно со моите колешки соработнички Ивана Васева и Јованка Попова. Проектот го започнавме минатата година на АКТО фестивалот, па сега го продолжуваме во повеќе градови, Битола, Штип и Струга. Собираме книги и потоа ги „оживуваме” во таа библиотека која што претставува простор каде ќе се размислува, дискутира, критикува контекстот и содржината на критичка литература преку активно и континуирано студирање на истата преку форма на работилници, читачки групи и акции.
Исто така во крајна фаза сме со колегата Дејан Ивановски во изработка на мобилната галерија на ЦАЦ Центарот за современи уметности. Тоа ќе биде мобилна монтажна галерија за современа уметност што ќе може според потребите на одреден контекст лесно да се преместува на различни локации и со тоа да го надополни недостатокот од независен културен простор. Ја спремам и самостојната изложба во Отворено Графичко студио со работен наслов „Силата на Спартакистите или моќта на љубовта?!Крвопролевање во Вестникарскиот кварт. Или секој човек е најдобар во својата кожа?! Со штитот или без него?!“, каде што го завршувам процесот на работа со дел од работниците со кои започнав да работам уште минатата година. Уживам да трошам време во разговори со работниците, и од внатре да се обидам/обидеме да го менуваме системот на нивното неправедно користење во реализација на идеолошко, но и етички проблематични проекти. Сметам дека на крајот, тоа треба да биде улогата на уметноста, директно, а не само симболично да менува работи во општеството. Ќе видиме колку ќе успееме во тоа.