Еден од најбараните авторски бендови во регионот, српскиот алтернативен бенд С.А.Р.С. најавува голема концертна промоција на својот нов албум „Иконе поп културе“ во Скопје. Концертот на едно од главните музички имиња на т.н. Нова српска сцена, е закажан на 10 април 2014 и ќе се одржи во „Експо Центар“ во Скопје.
Популарните С.А.Р.С. бесплатно го објавија новиот албум „Иконе поп културе“ на 9 јануари годинава, кој за три дена од објавувањето беше преземен повеќе од 20.000 пати. Ова е четврто студиско издание на бендот С.А.Р.С. и носи осум нови нумери, кои се објавени само девет месеци по излегувањето на претходниот албум „Куќа части“. Инаку, ова изненадување за фановите десет дена претходно беше најавено со песната „Дане бројим“, а целиот албум можете да се преземе од официјалниот сајт на бендот. „Иконе поп културе“ брзо поставува нови рекорди на групата, на што во прилог одат и последните рекордно распродадени концерти низ регионот.
Влезниците за концертот ќе бидат достапни во продажната мрежа на МКтикетс по промотивна цена од 250 денари која ќе важи до 1 април. Од 2 април па сè до денот на одржување на концертот, цената на билетите во претпродажба ќе биде 300 денари, а на денот на концетрот, на билетарата на „Експо Центар“ влезниците ќе се продаваат по 350 денари.
Групата С.А.Р.С. е оформена во Белград во 2006 година од страна на Драган Ковачевиќ Жабац и Александар Луковиќ Лукац. Следната година ја снимаат песната „Буѓав лебац“, која веднаш стана интернет мегахит со повеќе од 3.6 милиони кликови на Јутјуб, а и денес е еден од најпобаруваните хитови на радио станиците и во клубовите во регионот.